• недела, 22 декември 2024

Јапонската влада одобри 16 отсто поголем воен буџет

Јапонската влада одобри 16 отсто поголем воен буџет

Токио, 23 декември 2023 (МИА) - Јапонската влада одобри зголемување на воениот буџет за 16 отсто за следната година и го олесни законот за забрана за извоз на оружје.

Јапонија го забрзува распоредувањето на крстаречки ракети со долг дострел кои можат да погодат цели во Кина или Северна Кореја, додека јапонските трупи сè повеќе соработуваат со сојузниците и преземаат сè поофанзивни улоги.

Во најновиот чекор според новата безбедносна стратегија што Јапонија ја усвои пред една година, владата на премиерот Фуми Кишида, исто така, дозволи извоз на оружје и компоненти произведени во Јапонија под странски лиценци.

„Со оваа акција се надеваме дека ќе придонесеме за одбрана на слободниот и отворен меѓународен поредок заснован на владеење на правото и постигнување мир и стабилност во индо-пацифичкиот регион. Нема промена во нашиот принцип како пацифистичка нација “, изјави Кишида.

Буџетот за одбрана од 7,95 трилиони јени (56 милијарди долари) за фискалната 2024 година, што започнува во март, ја означува втората година од петгодишната програма за зајакнување на војската.

Тој петгодишен план за трошење значи инвестирање 43 трилиони јени (300 милијарди долари) до 2027 година за зајакнување на воената моќ и удвојување на годишните трошоци на околу 10 трилиони јени (68 милијарди долари), што ја прави Јапонија трета по големина воена потрошувачка во светот по САД и Кина. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан