• вторник, 24 декември 2024

Ѓуркова: Прличевите слова – пораки за генерациите

Ѓуркова: Прличевите слова – пораки за генерациите

Охрид, 6 февруари 2023 (МИА) – Секое време укажува на различни поуки, човековото минато искуство упатува на пораки за иднината. А многу можеме да учиме од пораките на Прличев. Во времиња кога македонската држава е поставена пред бројни предизвици за своето постоење, има ли подобар момент да се сфати пораката за слога и храброст и за општиот закон „чувај се“. Само преку слога, разбирање и образование еден народ може да ја покаже својата вредност, достоинство и достојност ком минатите генерации и да даде пример за оние кои доаѓаат. Тоа меѓу другото го истакна д-р Александра Ѓуркова во обраќањето пред присутните на манифестацијата „Прличеви беседи“ што традиционално се одржуваат на годишнината од упокојувањето на охридскиот поет и преродбеник.

-         Колку моќ има зборот, особено зборот изречен од човек со дар на словото посведочуваме и сите ние денес кога ги читаме беседите на Прличев, преку кои тој настојува да остави порака до присутните, па и до генерациите што следуваат. Неговата посветеност во беседите кон определени актуелни прашања се огледува преку ангажираноста во беседењето, што има за цел да го поттикне слушателот кон дејствување, стремеж да поттикне борба за себеси, за своето достоинство и интегритет, за своето право на образование и слободно мислење..., рече Ѓуркова, која и самата е потомок на Григор Прличев.

Таа од родната куќа на поетот во Охрид укажа на една од основните заложби на нејзиниот чукундедо - важноста на знаењето, образованието, како предуслови за ослободувањето.

„Сфекој милет, колку појке учените имат, толку подоветлиа је“, го цитира таа Прличев, потсетувајќи на неговите размисли за грижата за татковината и заедницата како највисок морален долг на човекот.

„А грижата за заедницата, за своите сограѓани човек треба да ја изразува со меѓусебно помагање и великодушност“, порачува Прличев.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, во своето обраќање посочи дека ликот и делото на Прличев останува нераскинлива врска меѓу сегашноста и минатото, но и светол пример во напорите да се обезбеди подобро утре и поубава иднина за новите генерации.

-         Опсежната книжевна критика го опишува Прличев како најгенијалниот поетски талент и најсветлата ѕвезда на македонското литературнои небо, кој со право го заслужува епитетот ’Втор Хомер’“, рече Пецаков, притоа врачувајќи им награди на најдобрите млади поети од Охрид.

Преку Одделението за култура на Општина Охрид обезбедени се примероци на „Автобиографијата“ на Прличев на Брајово писмо, за потребите на Градската библиотека во Охрид што го носи името на охридскиот преродбеник, како и за градското Здружение на лица со оштетен вид.

Претходно денеска беше положено пред споменикот на Григор Прличев и беше служена панихида на неговиот гроб во непосредна близина на црквата Света Богородица – Перивлепта.

Чествувањата во Охрид посветени на охридскиот и македонскиот преродбеник Прличев продолжуваат со традиционалната „Прличева визита“ на која ќе биде прогласена најдобрата беседа за 2023 година на тема „Прличев и ние“ и ќе биде промовиран аудио-записот, есејот: Душевните очи на Григор Прличев“ од академик Анте Поповски.

Манифестациите ќе бидат заокружени со свечена приредба на основното училиште во Охрид што го носи името на патронот Григор Прличев. аб/дма/

Остани поврзан