• петок, 05 декември 2025

Ѓорѓиевски ја затвори кампањата во Центар и повика на масовна излезност во недела за темелни промени во Скопје

Ѓорѓиевски ја затвори кампањата во Центар и повика на масовна излезност во недела за темелни промени во Скопје

Скопје, 31 октомври 2025 (МИА) – Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денеска, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, ја затвори кампањата за вториот изборен круг со средба со граѓаните во Центар.

– Денеска ја финишираме кампањата од овој втор круг, од овде во Центар, каде со центарци ќе имаме можност да поразговараме за сите оние потешкотии и проблеми со кои се соочуваат. Оваа кампања беше можност да се сретнам со граѓаните, не само во Центар, не само во Кисела Вода, туку со граѓаните од цело наше Скопје и да ги видиме проблемите со кои што реално сите живееме години наназад, рече Ѓорѓиевски.

Тој истакна дека низ кампањата имал можност да ги чуе проблемите на граѓаните поврзани со нефункционалноста на јавните претпријатија и со бројни проекти кои, како што рече, со децении чекаат реализација.

– Проблеми со нефункционалноста на јавните претпријатија, проекти кои што повеќе децении чекаат да бидат реализирани, но не само проектите, туку и граѓаните ги очекуваат сите нив. Понудивме и нов концепт и стратегија со која што Скопје заеднички ќе го менуваме наредните четири години. Среќен сум што Скопје е конечно будно, што скопјани се будни и спремни за промени, не само во Скопје, туку и овде во Центар, каде што верувам дека јасно и недвосмислено Лабудовиќ ќе ја добие поддршката од нашите сограѓани, изјави Ѓорѓиевски.

Повика на масовна излезност во вториот изборен круг во недела, нагласувајќи дека „од понеделник ќе ги засукаме ракавите и ќе започнеме со темелни промени во нашиот главен град“.

– Повикувам на масовна излезност во недела, на масовна референдумска излезност од нашите сограѓани, што е можно во поголем број да излезат, а од понеделник ги засукуваме ракавите и започнуваме со темелни промени во нашиот главен град, рече Ѓорѓиевски. ра/дма/

Фото: Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан