• сабота, 23 ноември 2024

Ѓорѓиевски: Кисела Вода е првата општина која вработи лице со Даунов синдром

Ѓорѓиевски: Кисела Вода е првата општина која вработи лице со Даунов синдром

Скопје, 21 март 2023 (МИА) -   Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска го потпиша дговорот за вработување со Стефан Трпковски од Скопје, со што Општината го вработи првото лице со Даунов Синдром.

-Видно возбуден, Стефан му раскажа на градоначалникот за своите таленти, за кошарката која била негова прва љубов, за модерните танци и освоеното второ место  на Специјалната олимпијада за танцови игри, за пливањето кое веќе 10 години е негово хоби. Кажа дека се подготвува да плива на Параолимпијада во Берлин, каде задно со уште три други деца ќе ги брани боите на Македонија. Посака и во својата земја да постојат такви натпревари. Истакна дека може да го постигне сето она што силно го посакува и дека е многу среќен што од денес ќе запознае нови колеги во Општина Кисела Вода, ќе извршува работни обврски, ќе почувствува дека општеството и нему му пружа еднакви можности како на останатите, се вели во денешното соопштение од Општина Кисела Вода.

Градоначалникот Ѓорѓиевски, се додава во соопштението, денеска ја отвори општината и за други лица со Даунов синдром. Десетина од нив, беа достојна помош на вработените на шалтерот каде има најголема фреквенција на луѓе. Издаваа документи, го следеа процесот на подготовка и архивирање на предметите, разговараа со странките... Сите тие се дел од здружението Трисомија 21 од Скопје, кое веќе десет години работи на подобрување на квалитетот на живеење на лицата со Даунов синдром, чиј ден Светот го одбележува токму денеска.

-Денес сме тука заедно со Стефан и уште десетина лица со Даунов синдром, кои на практичен начин покажаа дека можат да бидат рамноправни чинители во системот, дека можат да совладуваат вештини и да постигнуваат резултати. За жал, Дауновиот синдром, кој Светот денеска го одбележува, во Македонија сѐ уште е табу тема.  На овие простори, преовладуваат стереотипи, кои овие лица ги држат на маргините на општеството. Интересно и крајно полезно е да ги запознаеме, да видиме каква е желбата кај нив, со каква трудољубивост настапуваат кога треба да совладаат некаква вештина. Како локална самоуправа, која прави сериозни чекори во овозможувањето на еднакви услови за сите, Општина Кисела Вода презема крупни чекори во надминувањето на предрасудите и препознавањето на способностите на луѓето со Даунов синдром. Од денеска, Стефан Трпковски е наш вработен. За него, ова е шанса да се афирмира како рамноправен член на заедницата, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.

За останатите наши вработени и за нас како институција, додаде, ова е можност да се надминат евентуалните заблуди и самите да дадеме свој придонес во изградба на општество во кое е обезбедено подеднакво уживање на човековите слободи и права, општество во кое се почитува и уважува човековото достоинство.

Воедно како Претседател на ЗЕЛС, упати апел до сите останати единици на локалната самоуправа, но и до институциите од централната власт, да го следат овој чекор и да овозможат вработување на лица со Даунов синдром. Заложбите за еднаков третман на различностите, нагласи, не смеат да бидат само декларативни, туку со дела да се покаже дека сме подготвени да го менуваме светот на подобро. сст/са/

 

Остани поврзан