• вторник, 12 ноември 2024

Ѓоргиев оптимист дека побрзо ќе се постигне согласност меѓу бугарските и македонските историчари за периодот на Втората светска војна

Ѓоргиев оптимист дека побрзо ќе се постигне согласност меѓу бугарските и македонските историчари за периодот на Втората светска војна
Скопје, 28 јули 2022 (МИА) - Копретседателот од македонска страна во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев е оптимист дека побрзо ќе се постигне согласност меѓу бугарските и македонските историчари за периодот на Втората светска војна. Тој, во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, меѓутоа, очекува жестока дебата меѓу историчарите од двете земји за крајот на 19 и почетокот на 20 век. - Јас сметам дека тука е многу појасна ситуацијата, јас се плашам ако трае работата на Комисијата во следните години, крајот на 19 век, почетокот на 20 век, ќе биде многу проблематичен. Периодот на Втората светска војна е многу јасен, нема за што да дебатираме. Постојат документи од бугарските архиви, од бугарската Влада дека се подготвуваат да извршат окупација на Македонија. Искрено тука не очекувам поголема дебата и одолговлекување, бидејќи ние тука сме на многу посигурен терен, постојат еден куп документи за нашата борба во Втората светска војна, за идеите за кои се борат Македонците. Јас сум тука прилично голем оптимист дека ќе можеме полесно да се договориме, рече Ѓоргиев. Според него, нападите и изјавите од страна на колеги историчари од земјава создале една непријатна атмосфера кон работата на Комисијата, и особено, вели, во јавноста која не е директно запознаена со работата на Комисијата. - Јас не знам на што се должи тоа, никогаш тие колеги не дошле да прашаат за што ние разговараме, кои се нашите намери, кои се нашите идеи за препораките. Нивните пишувања најчесто се изјави и тоа не од страна на македонски политичари, туку од бугарски. Доколку некој во Бугарија изјави тоа е апсолутна вистина и тие го земаат тоа како основа за свои пишувања, вели Ѓоргиев. Тој наведува дека таков бил случајот со објавувањето на вториот протокол од Бугарија. - Дваесет пати во делот за работата на историската комисија се употребува терминот „двете страни“, значи има 99 отсто реципроцитет во работата на Комисијата, вели копретседателот Ѓоргиев. нд/  

Остани поврзан