Ѓоргиев за МИА: Еден член на Комисијата поднесе оставка, продолжуваме со работа
- Претседателот на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, во изјава за МИА потврди дека еден член од Комисијата д
Скопје, 22 октомври 2021 (МИА) - Претседателот на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, во изјава за МИА потврди дека еден член од Комисијата денеска поднел оставка.
- Еден член од Комисијата усно денеска поднесе оставка, но Комисијата продолжува со работа, изјави кусо Ѓоргиев за МИА, без да даде повеќе детали за оставката.
Дел од медиумите претходно објавија дека членот на Комисијата, Ванчо Ѓорѓиев денеска поднел оставка, поради како што тврди „обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата од страна на висок функционер на МНР“.
Како што пренесоа дел од медиумите, во неговото писмено соопштение причини за неговата оставка се и, како што тој наведува, „двојното водство во македонскиот дел од Комисијата и отстапка од утврдените принципи за консензуално носење одлуки, измени во учебникот по историја без негова согласност, отстапка од зацртаните црвени линии од другите членови на Комисијата, а на штета на националните интереси“.
Комисијата најави дека наскоро ќе излезе со соопштение до јавноста, со што ќе даде повеќе детали за оставката на Ѓорѓиев.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи, денеска на прес-конференција, прашан за оставката на членот на Комисијата, рече дека МНР никогаш не вршело притисок по однос на содржината на разговорите и одлуките што ги носат членовите на Комисијата за историско-образовни прашања со Република Бугарија. Тој истакна дека за него е најважно Комисијата да продолжи со работа и оти МНР ќе продолжи логистички да го поддржи тој процес, и, повтори ниту се мешало ниту ќе дозволи да се меша во содржината и во одлуките што ги носат историчарите. За Османи, како што рече, повеќе загрижува фактот што нема напредок на состанокот, „отколку тоа дали еден член поради различни причини се повлекол“. нд/сп/