Ѓоргиевска се обрати на изложбата посветена на жените во општеството, културата и науката
- СООПШТЕНИЕ: Сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на отворањето на изложбата „Калиопе Aвстрија и Северна Македонија, жените во општеството, културата и науката“ што се одржа во организација на амбасадата на Австрија во земјава, а во соработка со Националната Галерија на Северна Македонија.
13 март 2024
Сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на отворањето на изложбата „Калиопе Aвстрија и Северна Македонија, жените во општеството, културата и науката“ што се одржа во организација на амбасадата на Австрија во земјава, а во соработка со Националната Галерија на Северна Македонија.
Обраќајќи се пред присутните, сопругата на претседателот истакна дека мора да признаеме дека сè уште се судираме со бројни стереотипи за местото на жените во науката, уметноста и културата, а некои од причините за тоа се остатоците од патријархалната средина и воспитување, или некогаш и од институционалната незаинтересираност и несоодветна поддршка поради што многу наши сограѓанки немаат можност да се реализираат себеси и своите таленти.
„Бројните примери на успешни и реализирани жени на денешнава изложба се доказ дека со храброст, решителност, самодоверба, одважност и упорност се надминуваат сите бариери и пречки. Верувам дека изложбава охрабрува и праќа силна порака - не престанувајте да бидете, свои, независни, креативни и слободни и не дозволувајте никој никогаш да ве перципираат и третираат како послаби и помалку важни. Жената не е само сенка која тивко исчезнува на маргините од општествените случувања“, истакна г-а Ѓоргиевска.
На отворањето на изложбата се обратија и амбасадорот на Австрија во Северна Македонија, Мартин Памер и Волфганг Мајер, претставник на ЕВН Македонија.
Оваа изложба е можност да се запознаат исклучителни жени од Австрија, жени кои инспирираат со своите визии и наши уметнички, основоположнички на современата македонска уметност. Истовремено, изложбата ја покажува важноста на жените низ историјата на двете држави и укажува на фактот дека жената продолжува и денес да има суштинска улога во обликувањето на современите општества, придонесувајќи за културните идентитети. Со изложбата се придава значење и на напорите за промовирање на родова еднаквост, зајакнување на жените се во тек на двете земји, одразувајќи ги пошироките глобални трендови на инклузивност и различност.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска.
Почитувани гости,
Драги пријатели,
Ваши екселенции,
На сите ни е повеќе од јасно дека посветената заложба и борбата на жената за нејзиното ситуирање и здобивање со еднаква релевантност во сите општествени сфери започна одамна, но сè уште трае, со еднаков интензитет. Не е едноставно во светот кој е втемелен на патријархалните културни матрици, па колку и да се укажува на потребата од еманципаторски промени, жената целосно да излезе од ретроградните динамики, кои, на овој или на оној начин, некогаш експлицитно, а некогаш имплицитно и задскриено зад добро срочените декларации, доминираат во општествата.
Токму затоа имам особена чест и задоволство да бидеме вечерва заедно на отворањето на една особена и специфична изложба насловена „Жените во општеството, културата и науката“, како заеднички проект на Австриската амбасада и Националната галерија. Покрај можноста да се запознаеме со најзнаменитите Австријки во изминатите 200 години, на изложбата можеме да видиме и дела од најзначајните македонски сликарки, вклучително и првите женски имиња во современото македонско сликарство. Низ историјата, но за жал и во сегашноста, се судираме со бројни стереотипи за местото на жените во науката, уметноста и културата. Што од остатоците од патријархалната средина и воспитување, или некогаш и од институционалната незаинтересираност и несоодветна поддршка, многу наши сограѓанки немаат можност да се реализираат себе си и своите таленти. Бројните примери на успешни и реализирани жени на денешнава изложба се доказ дека со храброст, решителност, самодоверба, одважност и упорност се надминуваат сите бариери и пречки. Верувам дека изложбава охрабрува и праќа силна порака - не престанувајте да бидете свои, независни, креативни и слободни и не дозволувајте никој никогаш да ве перципираат и третираат како послаби и помалку важни. Жената не е само сенка која тивко исчезнува на маргините од општествените случувања.
Во изминативе неколку години имав можност да присуствувам и да зборувам на настани кои ја третираат родовата проблематика, вклучително телесната автономија, родово базираното насилство, фемицидот... Она што е клучно сознание е дека севкупното човештвото, а особено ние како држава, како заедница имаме уште многу да работиме и да пружаме индивидуална, но и институционална поддршка и заштита за да ја организираме и зацврснеме рамноправноста на жената.
Културната и уметничката продукција отсекогаш биле преносник на пораките за најделикатните теми, коректор и глас за артикулација на она што е товар, неправда, рана и болка во општествено задскриените спирали и јазли, а особено кога станува збор за родовата еднаквост.
Културата и уметноста не се невини – заради широкиот опсег на аудиториум, тие можат да ја подигнат свеста за родовата еднаквост. Затоа, од исклучително значење е одговорноста на културните работници и работнички и на уметниците и уметничките во афирмирањето на борбата за справување со родовата нееднаквост.
Историјата на културата и уметничката перформативност ни покажуваат дека жената морала да помине макотрпен, повеќевековен пат, со безброј невидливи но и видливи, па и насилни препреки. Жената во историјата на културното наследство, но и на современите културни практики за да се вкотви во општествената релевантност и за да биде препознаена минува низ пат кој бара многу откажувања но и достоинство, издржливост и храброст.
Затоа, нужно е преку културната и уметничката продукција да се поттикнува критичко мислење, полемика и да се градат културни политики кои ќе стојат наспрема авторитарните и патријархалните догми кои, за жал, често може да се забележат во сите аспекти и жанрови на творештвото. Културата секогаш играла прогресивна улога во еманципаторските процеси.
Преку динамични дискусии, уметнички изрази и интерактивни сесии, важно е да се создаваат креативни уметнички и културни платформи кои со своите ефективни стратегии промовирани од страна на влијателни уметници ќе ја подигнат свеста за важноста на борбата за родовата еднаквост.
За среќа, многубројните иницијативи одиграа активна улога во реконцептуализирањето на самата уметност како форма на активизам. Се создадоа нови уметнички форми, како што се јавната уметност и општествено ангажираната уметност и на тој начин се ревитализираше врската помеѓу уметноста и општествените промени.
Почитувани,
Сите имиња на особени и значајни жени кои оставиле печат во науката, уметноста и општеството, а кои се застапени на денешнава изложба се секако пример за посветеност, упорност, талент и работа. Со своите постигнувања, но и со разбивањето на стереотипите за местото и улогата на жената тие се постојана инспирација. Борбата за рамноправност меѓу половите сè уште трае. Дури и во развиените земји сè уште може да се наиде на нерамноправности по различни основи, а за жал бројни места во светот и базичната рамноправност на половите сè уште недостижна. Затоа да продолжиме да создаваме, твориме, да градиме, да се бориме до крај за рамноправност, еднаквост и инклузивност. Не само околу и на празникот на жената 8 Март, туку 365 дена во годината, секогаш и секаде.
Ја користам оваа можност да им се заблагодарам на сите инволвирани во подготовката и реализацијата на оваа изложба. Верувам дека и понатаму ќе бидеме сведоци на интензивна соработка меѓу нашите две држави во областа на економијата, науката, културата, уметноста што е во взаемен интерес и желба на граѓаните од двете земји.
На крајот пред овој огромен аудиториум имам особена чест и задоволство да ја прогласам изложбата за отворена и се надевам дека ќе уживате.
Ви благодарам.
Кабинет на претседателот на Република Северна Македонија
___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
Фото: Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија