Ѓокереш нема „џентлменски договор“ со Спортинг
- Претседателот на португалскиот првак Спортинг, Федерико Варандас, денеска ги негираше наводите дека постои „џентлменски договор“ со кој шведскиот напаѓач Виктор Ѓокереш би можел да го напушти клубот ова лето за 59 милиони фунти, посочувајќи дека клубот досега не добил никакви понуди за напаѓачот.

Лисабон, 11 јуни 2025 (МИА) – Претседателот на португалскиот првак Спортинг, Федерико Варандас, денеска ги негираше наводите дека постои „џентлменски договор“ со кој шведскиот напаѓач Виктор Ѓокереш би можел да го напушти клубот ова лето за 59 милиони фунти, посочувајќи дека клубот досега не добил понуди за напаѓачот.
„Можам да гарантирам дека Виктор Ѓокереш нема да замине за 60 милиони евра плус 10 милиони бонуси, бидејќи никогаш не го ветив тоа. До денеска, Спортинг не добил каква и да е понуда за Ѓокереш, ниту денеска, ниту минатата сезона“, рече Варандас на прес-конференција во Лисабон.
Дваесетиседумгодишниот шведски фудбалер постигна 97 голови на 102 натпревари во текот на две сезони со Спортинг, а претходно играше за Ковентри Сити во англиското првенство три години. Неодамна, Ѓокереш се поврзуваше со можен трансфер во Манчестер Јунајтед и Арсенал.
Во неговиот договор со Спортинг има откупна клаузула од 85 милиони фунти, но медиумите претходно објавија дека минатото лето бил постигнат договор меѓу клубот и играчот, што би му овозможил да замине за помалку пари.
Варандас образложи дека единствената отстапка што ја направил клубот е тоа што нема стриктно да инсистираат на целиот износ на клаузулата.
„Една од најголемите загрижености на неговиот агент беше дали ќе го побараме целиот износ од клаузулата за раскинување на договорот. Тој сакаше гаранции, а беше договорено само дека Спортинг нема да ги бара сите 100 милиони евра“, рече Варандас.
Тој додаде дека во тој момент не било можно однапред да се дефинира износот на потенцијалниот трансфер.
„Тогаш реков: нема смисла однапред да се одредува сума бидејќи не знаеме што ќе се случи за една година. Можеби ќе биде 40 милиони евра, 60 милиони или 80 милиони. Она што можам да го гарантирам е дека нема да барам 100 милиони евра“, рече претседателот на Спортинг. ег
ФОТО: ЕПА