Ѓилас: СНС изгуби петтина од гласачите, затоа нема да има избори
- Српската напредна партија во овие шест месеци годинава изгуби една петтина од гласачкото тело и падна под 40 отсто поддршка. Во Белград веќе не можат да победат ниту со СПС. Затоа нема избори, нема ништо, затоа што не смеат, изјави претседателот на Партијата на слобода и правда (ССП) Драган Ѓилас, јави дописникот на МИА од Белград.
Белград, 26 јули 2023 (МИА) - Српската напредна партија во овие шест месеци годинава изгуби една петтина од гласачкото тело и падна под 40 отсто поддршка. Во Белград веќе не можат да победат ниту со СПС. Затоа нема избори, нема ништо, затоа што не смеат, изјави претседателот на Партијата на слобода и правда (ССП) Драган Ѓилас, јави дописникот на МИА од Белград.
- Што се однесува до ССП, ние 16 месеци бараме избори во Белград, што се однесува до републичките, постојат препораки од Европската комисија, има препораки од мисијата на ОБСЕ и тие препораки мора да се исполнат за изборите да бидат фер и чесни. СНС нема шанси да победи на вакви избори, изјави Ѓилас за ТВ Нова.
Ѓилас посочи дека насилството е насекаде на јавниот простор и дека граѓаните на Србија живеат во земја во која пред само три месеци беа убиени 19 деца, а 23 жени се убиени во фемицид од почетокот на годината.
- Вчера имавме вест дека ветеринар од Богатиќ бил претепан и починал, бидејќи кабахадии го претепале неговиот другар, а тој пришол да помогне. Живееме во земја во која 73 отсто од младите кои одат на училиште изјавиле дека биле жртви на насилство, од кои 40 отсто на физичко насилство. Што направивме како општество, како држава како систем во овие два месеца што нема училиште да го смени тоа? Денес, за првпат на насловните страници немате слики и изјави и информации за животот на убиецот. Луѓе, престанете да правите култ од тоа момче убиец, да ги пренесувате неговите изјави, да почнеме да го негуваме споменот на жртвите, да започнеме акција, никој да не се сеќава на убиецот, туку да ги паметиме децата кои настрадаа, рече Ѓилас.
Тој посочи дека Европа е единствената опција за Србија.
- Каде одиме, кон Русија или Европа? За нас постои една опција, а тоа е Европа, ние сме дел од тој континент, дадовме толку многу жртви за слободата на Европа. Од која нација загинаа најголем број луѓе во Првата светска војна? Па, од српската. Ние нашите животи, нашата крв и нашите идеи ги вткаивме во идејата за Европа. Никој не може да не исфрли од Европа, бидејќи сме европски народ, изјави Ѓилас, соопштија од ССП. об/паг/
Фото: МИА архива