• понеделник, 23 декември 2024

Ѓилас и пиша на Брнабиќ: Вие ја спомнувате опозицијата само кога ја навредувате и лажете

Ѓилас и пиша на Брнабиќ: Вие ја спомнувате опозицијата само кога ја навредувате и лажете

Белград, 31 мај 2020 (МИА) - Претседателот на српската опозициска Партија за слобода и правда (ССП-членка на Сојузот за Србија), Драган Ѓилас упати отворено писмо до премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, во кое ги демантираше тврдењата на премиерката дека „ги молел европратениците да кажат дека во Србија нема услови за избори и дека за време на епидемијата испраќал писма наместо сите заедно да се борат да спасуваат животи“.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Ѓилас посочи дека разговарал со европратениците кои власта ги повикала за да помогнат во решавање на кризата околу изборите, но дека на Брнабиќ и е „незамисливо некој да разговара со двете страни, бидејќи за неа опозицијата е нешто што треба да се уништи“.

-Вие и вашиот шеф ја спомнувате опозицијата само кога нè навредувате или лажете за нас. Во Европа е различно. Таму луѓето разговараат без оглед на политичките разлики, наведе Ѓилас.

Тој потсети на сите инциденти што се имаат случено во последните неколку месеци, апсењето на новинарите, малтретирање на семејството, оценувајќи дека за премиерката сето тоа станало нормална работа.

Тој оцени дека „нејзиниот шеф лаже кога кажува да Ѓилас има украдено 619 милиони евра“ и дека би било убаво да не се крие зад имунитетот, туку да дојде на судското сослушување следната недела.

Ѓилас и напиша на Брнабиќ дека ги навредува европратениците кога вели дека Ѓилас ги убедил да напишат дека во Србија нема услови за избори.

-Тоа се луѓе кои размислуваат со свој глава и кои носат заклучоци засновани врз факти. За вас тоа е туѓо, затоа што Вие сте навикнати да го кажувате тоа што ви го наложува шефот, напиша Ѓилас.

Тој додаде дека Европејците гледаат како Србија зема милијарди евра од Кина и им дава работа без тендери, како купува оружје од Русија наместо да инвестира во лекари и учители, тие гледаат дека Србија е шампион во Европа во однос на корупцијата.

Ѓилас се осврна и на оценката на еден од најголемите светски политиколози, Френсис Фукијама, кој кажа дека режимот во Србија не претставува европски вредносен систем, а во писмото тој и порача на Брнабиќ дека Фукијама, кога вели режим, мисли и на неа. об/

Остани поврзан