• петок, 05 декември 2025

Шукова: 100 мурали за поубаво Скопје

Шукова: 100 мурали за поубаво Скопје

Скопје, 6 септември 2025

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје на СДСМ, Каја Шукова, денеска го најави проектот „Скопје – град на мурали“, кој предвидува изработка на 100 нови мурали низ градот во текот на првата година од нејзиниот мандат, стои во соопштението од Центарот за комуникации на СДСМ, што МИА го објавува интегрално.

„Скопје е наш дом и сите сакаме да го гледаме како чист, убав и инспиративен град,“ изјави Шукова. Таа истакна дека многу јавни простори денес изгледаат запуштено, а ѕидовите се уништени со безлични и хаотични графити кои ја нарушуваат сликата на градот.

Проектот има за цел не само естетско разубавување на јавниот простор, туку и промовирање на културни и општествени вредности преку современа уметност.
„Овие мурали нема да бидат само боја на ѕидовите, тие ќе носат пораки за надеж, култура, заедништво и љубов кон нашиот град“, нагласи Шукова.

Во рамки на проектот ќе бидат вклучени локални уметници и млади креативци, со што се отвора можност за поддршка на домашната уметничка сцена и активно граѓанско учество во разубавувањето на Скопје. Шукова верува дека уметноста може да биде моќен алат за обединување и градење на одржлива и пријателска урбана средина.

„Заедно ќе го направиме Скопје поубаво место за живеење – град со кој секој ќе се гордее“, додаде Шукова.

Центар за комуникации на СДСМ

Фото: Каја Шукова фб

 

Остани поврзан