Шукова од Кисела Вода: Скопје заслужува повеќе , време е за работа, не за шминка и слики
- Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, вечерва од Кисела Вода со порака дека Скопје заслужува повеќе и оти „време е за работа, не за шминка и слики“.
Скопје, 2 октомври 2025 (МИА) - Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, вечерва од Кисела Вода со порака дека Скопје заслужува повеќе и оти „време е за работа, не за шминка и слики“.
Шукова, заедно со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и кандидатот за градоначалник на Кисела Вода, Горан Трајковски, зборуваа за визијата што ја има за градот и општината, со акцент на конкретни и изводливи проекти. Таа се осврна на ветувањата на актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, посочувајќи дека, според неа, над 80 отсто од неговата програма останала само на хартија.
-Нема паркови, нема спортски сали, нема гасификација, нема населба за млади. Има само слики, загадување и крпени улици. А сега истиот човек сака да го води Скопје? Ние велиме НЕ!“, истакна Шукова.
Таа ја претстави својата визија како патоказ за реална промена и најави 15 нови паркови за 15 месеци, инвестиции во модерен јавен превоз со еко-автобуси, сообраќајни решенија за метежот, како и системско решавање на депонијата Дрисла, која со години го труе воздухот на скопјани.
-Дрисла не е туѓ проблем, тоа е рана на нашиот град. Ќе воведеме модерно управување, 24/7 надзор, и конечно ќе ставиме крај на чадот и дивите депонии. Ова е прашање на здравје, достоинство и правда за сите жители на Кисела Вода, истакна таа.
Шукова ги повика граѓаните да не останат неутрални на овие избори.
-На овие избори, ќе одлучуваме дали ќе се вратиме на празни ветувања и заборавени проекти, или ќе тргнеме напред – со план, со енергија, со работа. Ајде заедно да го вратиме Скопје на граѓаните, кажа Каја Шукова. вг/
Фото: СДСМ