Шукова: Несоработката меѓу Градот Скопје и општините ја продлабочија кризата со отпадот и јавните услуги
- Кандидатката за градоначалник на СДСМ за Скопје, Каја Шукова смета дека главниот град има потреба од организиран и одржлив систем за управување со отпад кој ќе вклучува селекција, намалување на количината на отпад и третирање на отпадот како ресурс. - Не станува збор за изговори, туку за реални состојби и системски решенија кои ќе донесат конкретни резултати за граѓаните, рече Шукова во првото телевизиско соочување со нејзиниот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски.
Скопје, 14 октомври 2025 (МИА) - Кандидатката за градоначалник на СДСМ за Скопје, Каја Шукова смета дека главниот град има потреба од организиран и одржлив систем за управување со отпад кој ќе вклучува селекција, намалување на количината на отпад и третирање на отпадот како ресурс.
- Не станува збор за изговори, туку за реални состојби и системски решенија кои ќе донесат конкретни резултати за граѓаните, рече Шукова во првото телевизиско соочување со нејзиниот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски.
Според Шукова, состојбите во јавното претпријатие „Комунална хигиена“ се алармантни односно голем дел од опремата не е во функција, а депониите и контејнерите се преполни.
- Не може било која компанија да собира и транспортира отпад без соодветна дозвола. Ова мора да биде акција која е добро систематизирана и планирана, со јасен редослед прво главните булевари, а потоа и маалските улици, рече Шукова.
Според Шукова, несоработката меѓу Градот и општините, како и нефункционалните управни одбори, ја продлабочиле кризата во управувањето со отпадот и јавните услуги.
- Граѓаните заслужуваат ефикасност, ред и транспарентност. Тоа е она што го нудам - конкретни решенија и реален план за чисто, организирано и одржливо Скопје, рече Шукова на дуелот на телевизија Канал 5.
Шукова зборуваше и за проектот за БРТ-системот, посочувајќи дека од првиот ден се залага за најбрзото, најефикасното и најеколошкото решение за јавен превоз во градот.
- Да бидеме искрени, БРТ не се спомнуваше на почетокот од кампањата од страна на Ѓорѓиевски. Сега, конечно, сите кандидати ја прифатија борбата за ова решение, рече Шукова.
Потсети дека проектот за првата БРТ-линија е веќе подготвен, со обезбедени 40 милиони евра, за линијата од Ѓорче Петров до Аеродром. Втората линија допрва ќе се дефинира, со цел да се најде оптимално решение, особено за делот кон Кисела Вода каде урбанизацијата го ограничува просторот.
- Реализацијата на трасата ќе биде направена така што ќе се минимизираат нарушувањата на постојната структура на градот, без непотребно рушење на објекти, во интерес на граѓаните, рече Шукова.
Капиталните проекти, како што оцени, не се реализирани поради несоработката на ВМРО-ДПМНЕ.
- Сите капитални проекти што ги спомнува господинот Ѓорѓиевски од мостови до инфраструктура стојат на истата точка како во 2021 година. Изминативе четири години не видовме ниту обид тие процеси да се продолжат и реализираат, рече Шукова. бак/aa/
Фото: СДСМ