• понеделник, 23 декември 2024

Штип ќе добие подземни контејнери

Штип ќе добие подземни контејнери

Штип, 16 февруари 2024 (МИА) - Рок од 60 дена има економскиот оператор за да ги постави подземните контејнери во Штип. Секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова денеска изјави дека откако заврши тендерската постапка, општината ќе го потпише договорот со најповолниот понудувач и тој ќе ги постави подземните контејнери на две локации. Едната е на улицата „Тошо Арсов“, а другата на улицата „Кирил и Методиј“.

- Овие подземни контејнери внатре во себе ќе содржат четири садови за отпад со капацитет од по еден метар кубен и истите ќе овозможат да добиеме поубав изглед на централното градско подрачје и, се разбира, заштита на животната средина, вели Шорова-Ангелова.

Општината заедно со Јавното претпријатие „Исар“ и Комуналниот инспекторат работи и на подигање на свеста за селекција на отпадот. Подземните контејнери во Штип, вели Шорова-Ангелова, ќе придонесат и во оваа насока зашто секој сад ќе биде со соодветна намена, според која, пак, треба да водат и на тој начин да го одлагаат отпадот.

-Поради тоа што подземните контејнери ќе бидат составени од четири единици, се надеваме дека граѓаните од централното градско подрачје веќе ќе можат слободно да вршат селекција на отпадот во зависност од видот на отпад којшто го исфрлаат од нивните домови или, пак, компаниите од нивните простории каде што функционираат, рече Шорова-Ангелова.

Поставувањето подземни контејнери е проект кој е добро оценет од страна на граѓаните, на претходно направени анкети тој котираше високо на листата на потреби на штипјани. На тој начин, според нив, ќе се подобрат изгледот на Штип и хигиената во градот. вдј/цр

Фото: МИА 

Остани поврзан