Штипски „Исар“ ќе поднесе кривични пријави против вандалите, кои искршија жардињери покрај реката Отиња
- Штипското комунално претпријатие „Исар“ најави кривични пријави против групата на вандали кои искршија дел од жардињерите со цвеќе покрај реката Отиња. Саксиите и зеленилото долж шеталиштето повторно беа мета на уништување, откако синоќа група млади лица кршеле жардињерии и расфрлале цвеќиња, оставајќи зад себе хаос што предизвика револт кај граѓаните..
Штип, 31 март 2026 (МИА) – Штипското комунално претпријатие „Исар“ најави кривични пријави против групата на вандали кои искршија дел од жардињерите со цвеќе покрај реката Отиња. Саксиите и зеленилото долж шеталиштето повторно беа мета на уништување, откако синоќа група млади лица кршеле жардињерии и расфрлале цвеќиња, оставајќи зад себе хаос што предизвика револт кај граѓаните.
Од ЈП „Исар“-Штип денеска информираат дека ќе поднесат кривична пријава против сторителите за кои веќе имаат обезбедено докази, а меѓу кои и видео снимки. Посочуваат дека не станува збор за изолиран случај, туку за повторувачки проблем, при што за дел од претходните инциденти веќе се водат постапки.
-За сите сторители на овој вандалски чин, за кои постои доказен материјал, ќе бидат поднесени кривични пријави. Во тек се постапки и за претходните слични случаи. Ваквото однесување нема да се толерира. Се апелира до граѓаните да пријавуваат вакви инциденти и да помогнат во заштитата на јавниот простор, соопштија од ЈП „Исар“-Штип. вдј/са/
Фото: МИА