Штипскиот универзитет им нуди бесплатни часови на матурантите за подготовка на матура
- Средношколците од Општина Штип ќе имаат можност да следат беспалтни часови по математика, физика, хемија и биологија на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип.
![Штипскиот универзитет им нуди бесплатни часови на матурантите за подготовка на матура](https://mia.mk/images/20250215135935_big_730x400_25.webp )
Штип, 15 февруари 2025 (МИА) - Средношколците од Општина Штип ќе имаат можност да следат беспалтни часови по математика, физика, хемија и биологија на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип.
Ректорот Дејан Мираковски рече дека на овој начин сакаат да им помогнат на идните нивни студенти и да се подобрат резултатите на државна матура кај средношколците, но и зголемување на интересот за техничките факултети.
Тој посочи дека Универзитетот ја почнува Програмата „Иницијатива за идни научници“, со која на матурантите до мај ќе им помогне да ја совладат материјата и да добијат знаења кои ќе им бидат потребни за нивното понатамошно академско доусовршување. Наставата ќе се одвива на Универзитетот и ќе ја држат универзитетски и професори од средните училишта.
-Идејата е преку предметите како што се математика, биологија, физика и хемија да им овозможуваме поддршка на студентите. Интерес има па ќе се обидеме да направиме услови и идните средношколци да имаат поддршка уште пред запишување на универизитетот, изјави Мираковски.
Доколку има поголем број заинтересирани ученици, ќе се зголеми и бројот на групи за настава. Тој истакна дека високите оценки на државната матура за студентите значи поголема можност за запишување на програмите за кои се одлучиле. Првичната идеја била да се опфатат природните науки, но во пракса се покажало дека интерес има и за македонски и англиски јазик, па, како што вели Мираковски, се прават напори за да се опфатат и тие предмети.
-Треба да покажат само интерес, има две професорки од Факултетот по информатика за контакт. Во зависност од бројот на заинтересирани ученици, ќе се организираат соодветен број на групи за настава, изјави Мираковски.
За да се обезбеди поголема контрола во тестирањето и да нема препишувања, полагањата на државната матура минатата година беа организирани во холовите и спортските сали во училиштата. Штипските матуранти годинава државна матура ќе се полагаат во амфитеатрите и предавалните на Универзитетот „Гоце Делчев“. вдј/хс/
Фото: МИА