• понеделник, 23 декември 2024

Штипскиот Завод и Музеј годинава ќе реализира проекти во вредност од три милиони денари

Штипскиот Завод и Музеј годинава ќе реализира проекти во вредност од три милиони денари

Штип, 20 февруари 2024 (МИА) - Проекти од областа на заштита, музеологија и галериска дејност се предвидени во годишната Програма  за тековната 2024 на Националната установа (НУ)  Завод и музеј - Штип. Директорот на НУ Завод и музеј на град Штип, Митко Штерјов денеска рече дека годинава имаат буџет од три милиони денари.

-И оваа година главниот акцент е конзервација на археолошкиот локалитет „Баргала“ и изготвување на проекти за конзервација на централната базилика и источниот бедем од „Баргала“. Продолжуваме и на конзерваторските истражувања и изготвување на проекти на археолошкиот локалитет „Билазора“ во Свети Николе. Оваа година ќе се истражува дел од храмот, еден објект со кружна форма, рече Штерјов.

Тој најави дека ќе има истражувања и на локалитети во Општина Карбинци, предвидена е изложба на првата медицинска сестра, како и проект за 80 годишнина од ослободувањето на град Штип и ќе се реализираат неколку изложби во уметничката галерија „Безистен“.

-Интересни ќе бидат истражувањата и на могилата во Радање – тоа е локалитет кои се наоѓа меѓу Карбинци и Радање, тука се работеше некаде во 2013 година, оваа година има уште за работа, ќе маме археолошки истражувања нa Говедарски пат во село Црвулево оти таму се наоѓаат повеќе гробници. Ќе биде и тоа едно интересно истражување, вели Штерјов.

Посочи дека Програмата која беше доставена до министерството за култура им е прифатена. вдј/сст/

Фото: МИА 

Остани поврзан