• понеделник, 23 декември 2024

Штипскиот градоначалник реагира на сумата за фестивалот „Макфест“, и годинава нема да ги прифатат средствата од Министерството за култура

Штипскиот градоначалник реагира на сумата за фестивалот „Макфест“, и годинава нема да ги прифатат средствата од Министерството за култура

Штип, 13 февруари 2023 (МИА) - Министерството за култура од годишниот буџет за тековната година за фестивалот за забавни мелодии издвои само 6.500 евра. Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека втора година по ред Министерствoто за култура е со намера да го згасне и уништи најреномираниот фестивал за забавни мелодии „Макфест“. 

Според Јорданов, оваа одлука е понижување за македонската естрада, штипјани, како и за целата македонската јавност.

-Буџетот, кој што е предвиден од страна на Министерството за култура за манифестации и настани оваа година е во износ од 760 милиони денари, а за „Макфест“, најпопуларниот и единствениот македонски фестивал, се предвидени срамни 400.000 денари, вели Јорданов.

Тој на прес-конференцијата истакна дека во име на транспарентноста, наведува  само неколку примери, каде ќе се одлеат парите на македонските граѓани во тековната година.

-За „Лира фест 2023“ се одвоени повеќе од милион денари. За „Шкупи фест“ се одвоени повеќе од еден милион денари, но за „Макфест“ помалку од 400.000 денари. Овие средства нема да ги примаме, ќе ги вратиме и можат слободно да ги пренаменат за друг настан што оваа година сакаат да го финансираат, додаде Јорданов

Посочи дека организацијата на фестивалот „Макфест“ чини околу шест милиони денари, колку што и во минатото ресорното министерство одвојуваше средства.

- Општината и годинава од сопствениот буџет, со помош на општествено одговорни компании и спонзори ќе обезбеди финансии за да не дозволи да згасне брендот на градот Штип и на македонската забавна мелодија, рече Јорданов. вдј/мд/

 

Остани поврзан