• вторник, 07 јануари 2025

Штипска педијатрија доби два нови апарата

Штипска педијатрија доби два нови апарата

Штип, 19 септември 2023 (МИА) - ЕКГ апарат и апарат за сукција доби детското одделение при Клиничка болница Штип, а донацијата е  од општествено одговорна приватна компанија. Апаратите се од големо значење за одделот, посочи денеска директорот на болницата Ален Ѓеорѓијев. Тој истакна дека со новите апарати се олеснува работата на здравствените рабвотници, а ќе се овозможи и непрекинато лекување на дечињата.

-Овие апарати се потребни за дијагностиката, како и за помош на дечињата кои имаат континуирана нега. Со оваа апаратура ја олеснуваме работата на здравствените работници кои укажуваат здравствена заштита на нашите најмали, а уште поважно е што дечињата ќе имаат непрекинато лекување, вели Ѓеорѓијев.

Старите апарати се веќе дотраени, а потребата од нови беше неопходна, потенцираше педијатар Луиза Донева, која додаде дека се работи на отворање и на кардиолошки кабинет.

-Ќе ни биде олеснета работата, исто во план е отворање на кардиолошки кабинет. Имаме докторка на супспецијализација, вели Донева.

Во изминатиот период Одделението за детски болести при Клиничка болница - Штип беше во центарот на активностите.Се работеше на подобрување на инфраструктурата, набавка на нови апарати, како и вработување на нов кадар.  

-Во изминатите неколку месеци овде на овој оддел се реконструираа комплетно тоалетите, се доби нов апарат, 21 болнички кревет, денес добивме апарат за ЕКГ и сукција, но најважно од се е дека вложуваме во кадарот. Во моментот одделот за детски болести има доктори кои се на супспецијализација, веќе година се таму и од октомври имаме докторка која ќе почне на специјализација на педијатрија, додаде Ѓеорѓијев.

Директорот на Клиничка болница-Штип Ѓеорѓијев се заблагодари на донацијата од фирмата „Адиент“, која е во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ)-Штип. Ова не е прва донација на оваа компанија и изрази надеж дека соработката ќе продолжи и во иднина. вдј/мд/

Фото: МИА 

Остани поврзан