• петок, 22 ноември 2024

Шпанскиот врховен суд пресуди дека Владата незаконски депортирала деца мигранти без придружба во Мароко

Шпанскиот врховен суд пресуди дека Владата незаконски депортирала деца мигранти без придружба во Мароко

Мадрид, 22 јануари 2024 (МИА) – Врховниот суд на Шпанија пресуди дека властите во земјата постапиле незаконски во 2021 година кога вратиле деца мигранти без придружба во Мароко.

Стотици малолетници без придружба беа меѓу околу 10.000 луѓе кои се обидоа да влезат во Сеута, шпанска ексклава во северна Африка, прескокнувајќи ја граничната ограда.

Шпанија со закон е обврзана да се грижи за малолетните мигранти додека не се најдат нивните роднини или додека не наполнат 18 години.

Министерството за внатрешни работи на Шпанија ја бранеше својата постапка велејќи дека децата сакале да си одат дома. Шпанските власти ги негираа обвинувањата на групите за човекови права дека со тоа е прекршено меѓународното право.

Властите го наведоа договорот од 2007 година меѓу Шпанија и Мароко за помош во враќањето на децата откако ќе се разгледаат нивните случаи.

Сепак, судиите на Врховниот суд ги отфрлија тие аргументи, велејќи дека шпанскиот закон преовладувал и оти масовното враќање на децата е кршење на Европската конвенција за човекови права.

Повеќе од десетици илјади мигранти од субсахарските земји секоја година се обидуваат да стигнат до Шпанија со чамци што го напуштаат брегот на северозападна Африка.

Повеќето стигнуваат до Канарските острови во Атлантскиот Океан, додека други се обидуваат да го преминат Средоземното Море до Шпанија или да ја прескокнат оградата во Сеута.

Тие патишта често се опасни и небезбедни, па илјадници луѓе гинат по пат. јт/

Фото: ЕПА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан