• четврток, 30 јануари 2025

Шолц со критика до Мерц по добиената поддршка од АфД: Традиционалната германска коалиција е доведена во прашање

Шолц со критика до Мерц по добиената поддршка од АфД: Традиционалната германска коалиција е доведена во прашање

Берлин, 30 јануари 2025 (МИА)  - Германскиот централно-левичарски канцелар Олаф Шолц со својата најнова изјава дека повеќе не може да му верува на конзервативниот лидер Фридрих Мерц ја доведе во прашање можноста за заживување на традиционалната коалиција, како што се приближуваат изборите во таа земја, пишува денеска „Политико“.

Неговата изјава дојде откако Бундестагот тесно гласаше за необврзувачка мерка предложена од конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ/ЦСУ) со која ќе се овозможи враќање на барателите на азил назад на границата. Мерката беше усвоена со 348 гласа „за“, додека 344 пратеници беа „против“, а конзервативците беа поддржани од екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) и фискално конзервативната „Слободни демократи“ (ФДП), што е преседан за формирање сојуз. 

Шолц ова здружение го нарече историско кршење на табу и додаде дека е нарушен консензусот дека демократските партии не соработуваат со екстремната десница.

-Мерц постојано уверуваше дека тоа нема да се случи. Затоа не можам повеќе да му верувам, иако имав доверба пред една недела, изјави Шолц.

Како што пишува „Политико“, ова е првпат ЦДУ да протурка законска мерка со поддршка на АфД и покрај ветувањата на Мерц дека ќе се држи настрана од екстремната десница.

Шолц ја обвини ЦДУ дека свесно ја прифаќа поддршката на АфД со цел нивната политика да биде усвоена во парламентот.

-Острата реторика на Шолц, сепак, сега сигнализира дека таква коалиција не може да се постигне. Мојата цел сега е по секоја цена да го спречам мнозинството што ЦДУ и АфД би можеле да го добијат, рече тој. Доколку канцеларот остане на тој став, Германија би можела да се соочи со политичка блокада која би траела со недели, ако не и со месеци, заклучува „Политико“. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан