• петок, 22 ноември 2024

Шоле во Скопје на средба со Ковачевски: Силното стратешко партнерство со САД е од голема важност во годината која ни претстои

Шоле во Скопје на средба со Ковачевски: Силното стратешко партнерство со САД е од голема важност во годината која ни претстои

Скопје, 11 јануари 2023 (МИА) - Советникот на Стејт департментот Дерек Шоле, кој утрово пристигна во Скопје, во Владата беше пречекан и оствари средба со премиерот Димитар Ковачевски и дел од министрите.

- Нашето силно стратешко партнерство со САД е од голема важност во годината која ни претстои, а која е исполнета со предизвици и кај нас, но и глобално. За овие предизвици, но и за многу други теми ќе разговараме на денешните средби, посочи премиерот Ковачевски на својот Фејсбук-профил пред средбата со Шоле.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на својот Фејсбук-профил во врска со средбата во Владата со Шоле напиша дека проектите и активностите во рамки на Стратешкиот дијалог се солидна основа за понатамошно јакнење на стратешкото партнерство и унапредување на билатералните врски.

- Благодарност за поддршката за нашето претседавање со #ОБСЕ2023 и САД - Јадранската Повелба во услови на актуелните безбедносни предизвици. Европската перспектива и присуството на САД во регионот како значаен влог во стабилноста и просперитетот на Западен Балкан. Како НАТО сојузници остануваме обединети во поддршката за Украина и одбраната на споделените демократски вредности, напиша Османи.

Воедно, премиерот Ковачевски на советникот на Стејт департментот Шоле му подарил дрес од македонската репрезентација со неговото име.

Неговата посета на земјава е во рамки на балканската турнеја, за време на која ќе ги посети и Косово и Србија.

Советникот на државниот секретар на САД Ентони Блинкен, од Скопје заминува за Приштина на средби со владини претставници, политички лидери и претставници на граѓанското општество. Во фокусот на разговорите ќе бидат напорите на САД да помогнат во унапредувањето на косовската и евроатлантската интеграција, вклучително и преку дијалогот олеснет од ЕУ за да се постигне сеопфатен договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, фокусирани на меѓусебното признавање.

Шоле, утре ќе продолжи во Белград, каде со раководството на српската Влада ќе разговара за енергетската безбедност, регионалната економска интеграција и напредокот кон целта на Србија за пристап во ЕУ. Тој, исто така, ќе разговара за улогата на Србија во зајакнувањето на регионалниот мир и безбедност и нејзиниот континуиран ангажман во Дијалогот олеснет од ЕУ за нормализирање на односите со Косово. фф/нд/

Остани поврзан