• недела, 26 јануари 2025

Шмихал и Санду разговараа за развојот на соработката меѓу Украина и Молдавија

Шмихал и Санду разговараа за развојот на соработката меѓу Украина и Молдавија

Киев, 25 јануари 2025 (МИА) - Украинскиот премиер Денис Шмихал и молдавската претседателка Маја Санду денеска во Киев разговараа за спротивставување на хибридните закани од Русија и за развој на економско партнерство меѓу двете земји, објави Укринформ.

„Украина и Молдавија остануваат важни партнери и ја цениме личната улога на госпоѓата Санду во градењето соработка меѓу двете земји. Нашите влади ја разбираат заедничката закана - Русија. Кремљ секогаш ги користел своите енергетски ресурси како оружје против другите држави. Украина е подготвена да и помогне на Молдавија во решавањето на енергетската криза и веќе ги достави своите предлози“, напиша Шмихал во објава на Телеграм.

Според него, минатата година трговската размена меѓу двете земји е зголемена за 12 отсто, а Украина е заинтересирана за натамошно продлабочување на трговската и економската соработка со Молдавија.

Соговорниците разговараа за развојот на логистиката и за унапредување на комуникацијата меѓу Украина, Молдавија и земјите од Европската унија, особено на полето на европската интеграција.

„Меѓусебната поддршка и помош, воспоставувањето стабилен дијалог, размената на знаења и искуства, како и блиската секојдневна соработка меѓу нашите тимови ќе придонесат за понатамошен напредок на нашите земји на патот кон полноправно членство во ЕУ“, нагласи Шмихал.

Тој изрази благодарност до Молдавија за континуираната поддршка за Украина во спротивставувањето на руската воена агресија и давање помош на украинските граѓани. рп/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан