Шефот на Ферари: Не сакаме никого да обвинуваме, но треба подобро да ја завршиме работата
- Викендот на Ферари на патеката во Шангај започна брилијантно, со спринтерски триумф на Луис Хамилтон, а заврши катастрофално, со дисквалификација на двајцата возачи. Подот на Хамилтон под болидот беше потенок од дозволените девет милиметри, додека Шарл Леклер беше за килограм полесен од минималната тежина. Така нивните резултати, петтото и шестото место во Кина, беа избришани.

Шангај, 23 март 2025 (МИА) - Викендот на Ферари на патеката во Шангај започна брилијантно, со спринтерски триумф на Луис Хамилтон, а заврши катастрофално, со дисквалификација на двајцата возачи. Подот на Хамилтон под болидот беше потенок од дозволените девет милиметри, додека Шарл Леклер беше за килограм полесен од минималната тежина. Така нивните резултати, петтото и шестото место во Кина, беа избришани.
Тимот продолжи по принципот „топло-ладно“, иако гледавме само две трки во Формула 1 шампионатот. Викендот во Австралија беше навистина лош, додека спринтот во Кина се појави како предвесник на некои подобри и посреќни времиња. Но, сето тоа траеше 24 часа. И пред дисквалификацијата, Ферари не изгледаше добро. На почетокот имаше дури и благ судар меѓу возачите на Ферари, во кој Леклер помина полошо, со оштетување на предното крило. Шарл и без дел од болидот беше побрз од Луис, кој доби наредба од боксот да го пушти својот тимски колега да помине.
Шефот Фредерик Васер беше лут на медиумите кои постојано истакнуваа дека „Хамилтон бил прилично вознемирен кога ја добил тимската наредба“.
-Не навистина, не беше така. Првиот повик дојде од Луис, тој предложи да ги заменат местата. Луѓе, треба да ја слушате целата приказна, а не само делови. Луис рече дека би било подобро промената на позицијата воопшто да не претставува проблем. Навикнат сум од почетокот на сезоната секогаш кога велиме бело, многу луѓе да слушаат црно, а кога велиме розе, за сите да биде сиво. Но, тоа е така и не сакам да се борам со ова, изјави Фредерик Васер
Сепак тој никако не можеше да биде задоволен од резултатите во Шангај, особено откако двајцата возачи беа дисквалификувани. Проблемот за Ферари е да открие каде исчезна темпото што го имаше Хамилтон во саботата, кога доминираше во спринтот. Во трката беше јасно дека Ферари нема темпо да го држи чекорот со своите ривали, не само со Мекларен, туку и Мерцедес. Леклер му се закани на Џорџ Расел само во првите неколку круга, но брзо се откажа во дуелот со Макс Верстапен.
-Неделата беше тежок ден за сите. Имаше и многу чудни работи, како на пример доброто темпо на Шарл со оштетен автомобил. Тоа беше охрабрувачки, но Луис многу се мачеше. Имавме проблеми и со пневматиците, кои ги немавме во саботата. Треба да разбереме дека сите сме на иста страна, но секогаш сме, некако, на работ. На трката видовме дека Макс Верстапен се мачеше, но потоа се врати кон крајот и повторно беше брз. Има уште многу да се научи, порача шефот на „Скудерија“.
Доброто за Формула 1 е што по две трки дури 14 возачи имаат барем еден бод. Прв е Ландо Норис со 44, а потоа следуваат Макс Верстапен (36), Џорџ Расел (35), победникот во Кина - Оскар Пјастри (34), Кими Антонели (22), Алекс Албон (16), Естебан Окон (10), Ленс Строл (10), Луис Хамилтон (9), Шарл Леклер (8), Нико Хулкенберг (6), Оли Берман (4), Јуки Цунода (3) и Карлос Саинц (1).
Во конструкторскиот шампионат убедлив е Мекларен со 78 бодови. Мерцедес има 57, а Ред Бул само 36, а сите бодови ги освои Верстапен, бидејќи Лијам Лосон не може да се среди од почетокот на сезоната. Вилијамс е четврти со 17, исто толку колку и Ферари. Хас е на 10, Заубер на 6, а Рејсинг Булс на 3. Без бодови е само Алпин.
Третата трка од шампионатот ќе се вози на 6 април во Јапонија, во седум часот наутро по средноевропско време. дс
Фото: Архива