• недела, 22 декември 2024

Шевченко: Украина бара од ММФ заем до 20 милијарди долари

Шевченко: Украина бара од ММФ заем до 20 милијарди долари
Киев, 27 јули 2022 (МИА) - Украина сака да постигне договор со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) до крајот на годината за програма за заем во вредност од 15 до 20 милијарди долари за поддршка на економијата опустошена од војната, изјави украинскиот гувернер Кирил Шевченко.
Погодена од руската инвазија која започна на 24 февруари, Украина се соочува со економски пад од 35 до 45 проценти во 2022 година и месечен фискален дефицит од пет милијарди долари и во голема мера се потпира на странско финансирање од нејзините западни партнери.
Говорејќи за време на посетата на Лондон, Шевченко исто така изрази надеж дека ќе постигне договор „во рок од неколку недели“ за линијата за размена со Банката на Англија, но не ја прецизираше сумата.
„Киев веќе аплицираше до ММФ и сега е во консултации со Фондот за ново финансирање, кое се надева дека ќе обезбеди дури 20 милијарди долари во текот на две или три години во форма на стенд-бај аранжман (СБА ) или Проширен фонд (ЕФФ)“, рече гувернерот.
Тоа е првпат Украина да го претстави износот на новото финансирање што и е потребно од ММФ. Програмата од 20 милијарди долари ќе биде вториот по големина активен заем на ММФ по Аргентина.
„ММФ отсекогаш бил партнер на Украина за време на војната. Се надевам на почеток на програмата оваа година“, рече Шевченко.
Првиот човек на централната банка изјави дека новата програма треба да овозможи мерки кои ќе помогнат за стабилизирање на економијата. Со тоа може да се обезбеди враќање на предвоените услови, како што се флексибилен девизен курс, отсуство на ограничувања на девизниот пазар, намалување на лошите заеми во банкарскиот сектор и урамнотежена фискална политика.
Последниот заем од ММФ за Украина беше 1,4 милијарди долари итна финансиска поддршка договорена во март, што одговара на половина од украинската квота во ММФ.
Зборувајќи за интервенцијата на централната банка на девизните пазари, како и за програмата за откуп на обврзници, Шевченко рече дека и двете активности засега ќе продолжат, иако програмата за откуп на обврзници ќе прекине веднаш штом ќе заврши војната.
„Да се ​​обезбеди монетарно финансирање беше најболната одлука во мојот живот, но сфативме дека тоа е неопходно за време на војната“, рече Шевченко. паг/
   

Остани поврзан