• вторник, 05 ноември 2024

Шврговски: Изненадени сме што јавниот обвинител остана на обвинението за Тони Јакимовски и за Гордана Јанкуловска за „Таргет-Тврдина“

Шврговски: Изненадени сме што јавниот обвинител остана на обвинението за Тони Јакимовски и за Гордана Јанкуловска за „Таргет-Тврдина“

Скопје, 17 октомври 2023 (МИА) – Без предвидена казна во законот, не може да се води кривична постапка. Изненадени сме што јавниот обвинител не остана доследен во примената на измените на Кривичниот законик и за обвинетите Гордана Јанкуловска и Тони Јакимовски во случајот „Таргет-Тврдина“ вели адвокатот од одбраната Љупчо Шврговски. 

Откако Судот на денешното рочиште донесе решение за запирање на кривичната постапка за случајот „Таргет-Тврдина" во делот на незаконското прислушување поради настапено застарување на делата, адвокатот Шврговски, во изјава за медиуми, вели дека јавниот обвинител не останал докрај доследен во примената на измените на Кривичниот законик бидејќи останал на обвинението за Јанкуловска и Јакимовски.

- Одбраната стои цврсто на став дека со доследна примена на измените на законот поради декриминализација, односно бришење на став 5 со измените на кривичното дело „злоупотреба на службена положба“, а во врска со став еден, каде што прво го нема дејствието на извршување, а тоа е во описот на обвинението дадено како искористување на службена положба преку која што е настапена штетната последица и квалификаторниот елемент од став 5, значи тоа дејствие на извршување го нема. Воедно, став 1 со измените во делот на казната е предвидена казна до три години затвор, што ќе рече дека со оглед на дејствијата на извршување што датираат од 2015 година, апсолутна застареност настанува после проток на двапати по онолку време од времето кое што е предвидено како највисока можна казна, а тоа се три години, значи шест години. Од 2015, веќе 2021 година ова кривично дело веќе има апсолутна застареност, вели Шврговски.

Според него, за одбраната е недозволиво и тоа што јавниот обвинител, истовремено навел дека во однос на овие две кривични дела ќе се произнесе на крајот од кривичната постапка.

- Тоа се коси директно со повреди на Европската конвенција за човекови права, во делот на повреда на правата на обвинетите да и понатаму бидат изложени на кривичен прогон за кривично дело, за кое што во моментот јавниот обвинител согласно измените не смее повеќе да води постапка. Ова го кажуваме бидејќи без предвидена казна во законот, не може да се води кривична постапка. Тоа е познатото „nullum crimen nulla poena sine lege“ начело. Така да, изненадени сме што јавниот обвинител не остана доследен и во делот на повлекување на обвинение и за обвинетите Гордана Јанкуловска и Тони Јакимовски, изјави Шврговски.

Судот на денешното рочиште донесе решение за запирање на кривичната постапка за случајот за „Таргет-Тврдина" за обвинетите Горан Груевски, Сашо Мијалков, Надица Николиќ, Владимир Варелов, Маријан Шумуликоски и Васил Исаковски за делата „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“ поради настапено застарување на делата , со измените на Кривичниот законик од 7 септември 2023 година. аа/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан