• петок, 05 декември 2025

Швајцарија делумно ја запре работата на нуклеарна централа Безнау поради високите температури

Швајцарија делумно ја запре работата на нуклеарна централа Безнау поради високите температури

Цирих, 2 јули 2025 (МИА) – Швајцарската нуклеарна централа Безнау, која се наоѓа во кантонот Аргау, делумно е исклучена од мрежата поради високи температури, соопшти операторот „Акспо“.

Еден од двата реактори е целосно исклучен, а вториот работи со намалена моќност од 50 отсто, откако температурата на реката Аре, која се користи за ладење, порасна до критични нивоа.

Според „Акспо“, ова е дел од мерките за заштита на животната средина во согласност со федералните прописи донесени по топлотниот бран во 2018 година. Температурата на реката во близина на електраната останувала под 25 степени, но поради топлотниот бран операторот ја намали продукцијата уште од минатата недела.

За разлика од другите швајцарски нуклеарни централи како Гесген и Лајбштад, Безнау нема кула за разладување. Наместо тоа, топлината што не може да се користи за производство на електрична енергија се лади со вода од реката Аре, која потоа се враќа во реката, малку загреана.

Централата Безнау е една од најстарите нуклеарни постројки во Европа, пуштена во употреба во 1969 година. ссм/

фото: архива

Остани поврзан