• среда, 13 ноември 2024

Шаќири со апел до младите да се запишуваат во средните стручни училишта и да ги избираат техничките факултети

Шаќири со апел до младите да се запишуваат во средните стручни училишта и да ги избираат техничките факултети

Скопје, 6 април 2023 (МИА) - Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска имаше средба со Олег Стефановски,  полуматурант во основното училиште „Браќа Миладиновци” во Скопје, кој својата иднина ја гледа работејќи во областа на информатичко-комуникациските технологии, како 3Д-дизајнер на игри.

Средното образование ќе го продолжи во училиште акредитирано за работа по ИБ-програма, а  високото на некој од факултетите кои нудат студиски програми од областа на информатичко-комуникациските технологии.

Како што информира Министерството за образование и наука, министерот Шаќири на средбата му посака успех во остварувањето на личните и професионалните планови и цели, потенцирајќи дека институциите на системот се залагаат да ја зајакнат поддршката за образование и вработување на младите.

-Олег е талентиран ученик кој знае која област на учење и работа може да му овозможи добра иднина. Сака да биде програмер, односно избира една од најперспективните професии. Се разбира освен во ИТ-секторот, квалификуван кадар недостига во речиси сите други струки. Затоа, мојот апел до младите е при изборот на образование, без разлика дали е средно или академско, да се водат од податоците за тоа што е потребно на пазарот на трудот. Тоа е основен предуслов за понатамошен успех, рече Шаќири по средбата.

Министерот информираше дека во Конкурсот за упис во средно образование во учебната 2023/2024 година се предвидени 259 дуални паралелки со вкупно 6475 ученички места, а наставата ќе се реализира во соработка со над 500 компании, додека консултациите за конкурсот за упис во високо образование се во тек и таму, исто така, предност за повеќе слободи места ќе им се даде на техничките факултети. хс/аа/

Фото: МОН

 

Остани поврзан