• среда, 20 ноември 2024

Шаќири - Серафимовски: Со координиран пристап до поквалитетно високо образование и научно-истражувачки проекти

Шаќири - Серафимовски: Со координиран пристап до поквалитетно високо образование и научно-истражувачки проекти
Скопје, 20 мај 2022 (МИА) - Министерот за образование и наука Јетон Шаќири и претседателот на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност проф. д-р Тодор Серафимовски во рамки на редовната комуникација и координација денеска остварија нова работна средба на која се зборуваше за тековните активности кои двете институции ги преземаат за унапредување на квалитетот на високообразовната и научно-истражувачката дејност. Како што соопшти Министерството за образование и наука, Шаќири и Серафимовски истакнаа дека инклузивниот пристап е единствена и најдобра опција за обезбедување на континуитет на процесот за унапредување на академската едукација која им се нуди на граѓаните од страна на високообразовните установи во земјата и за проширување на можностите за истражување и научни проекти. На средбата од страна на министерот беше потпишан и новиот Правилник за стандардите и постапката за надворешна евалуација и самоевалуација, кој на предлог на Националниот совет, го усвои МОН. -Ценам дека со овој нов правилник, постапките за надворешна евалуација и самоевалуација ќе даваат пообјективни резултати кои се од голема важност за креирање на идните чекори кои и ние како институции и самите високообразовни установи, имајќи ја предвид нивната автономија од сите аспекти, ќе треба да ги преземаме за да ја издигнеме конкурентноста на високообразовниот систем на повисоко скалило, рече министерот Шаќири. мд/са/

Остани поврзан