• понеделник, 23 декември 2024

Шаќири: Им помагаме на студентите да обезбедат здрав оброк, средствата ќе ги добиваат на наменска платежна картичка

Шаќири: Им помагаме на студентите да обезбедат здрав оброк, средствата ќе ги добиваат на наменска платежна картичка

Скопје, 27 јули 2023 (МИА) - Министерството за образование и наука склучи договор со Шпаркасе банка АД Скопје за реализација на исплатите за субвенциониран студентски оброк, со што се овозможува средствата да се користат исклучиво за субвенционирање за обезбедување на здрав оброк на студентите. На потпишувањето на протоколот за имплементација на мерката, присуствуваа министерот за образование и наука Јетон Шаќири и претседателот и заменик претседателот на УО на Шпаркасе Банка Санел Кустурица и Нина Неданоска.  

-Во новата академска година, студентите ќе ги добиваат паричните средства на наменска платежна картичка. Ова е системското решение со кое нашите студенти, исто како и нивните европски колеги, добиваат финансиска поддршка само за намената за која се одвојуваат од буџетот на МОН - да им помогнеме во обезбедувањето здрав оброк, рече министерот Шаќири.

Сите студенти кои ќе стекнат право на субвенциониран студентски оброк, ќе треба да потпишат договор со Шпаркасе банка за отворање на посебна сметка, поврзана со наменската платежна картичка за субвенциониран студентски оброк, независно од тоа дали  претходно биле клиенти на Шпаркасе банка. За отворањето на сметката, издавањето и одржувањето на платежната картичка студентот нема да има трошоци. 

Шпаркасе банка АД Скопје беше одбрана во транспарентна постапка, на јавен повик, согласно измените на Законот за субвенциониран студентски оброк.

-Шпаркасе Банка  АД Скопје, како општествeно одговoрна компaнија ги поддржува младите бидејќи се иднина на македонското општество. Заедно со МОН  обезбедуваме  здрав оброк за  градење на  здрави навики. Како европска банка  со европски стандарди сакаме да ги доближиме поволностите и добивките од европските студенти преточени во нашето општество, изјави претседателот на УО на Шпаркасе банка Кустурица.

Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари, наменета за купување приготвена храна, а студентот може да ја користи од понеделник до сабота, кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна. 

Наменската картичка е дел од пакетот што ќе го добие студентот кој стекнал право на субвенциониран студентски оброк.  

- Со овој пакет ќе им овозможиме на студентите да добијат многу поголеми дополнителни  придобивки. Студентите ќе добијат две картички, едната ќе биде за купување здрав оброк а другата ќе биде платежна картичка Vibe on, со што тие стануваат дел од Клуб Премиум, додаде Кустурица .

Годишно, за оваа мерка од буџетот на МОН се одвојуваат над 940 милиони денари. ир/ац/

Фото: МОН

Остани поврзан