• недела, 12 мај 2024

Шаховскиот клуб „Кочани“ доби нови простории

Шаховскиот клуб „Кочани“ доби нови простории

Кочани, 12 јануари 2024 (МИА) – Членовите на шаховскиот куб „Кочани“ добија нови простории во централното градско подрачје што ќе им овозможат нормално реализирање на планираните активности во годишната програма за работа.

Од неодамна клубот има и ново раководство чии приоритети се решавање на просторните проблеми и обезбедување стабилни финансиски и други услови за негово функционирање. Просториите се наоѓаат во блокот А на Трговскиот центар во Кочани, располагаат со корисна површина од стотина квадратни метри со десетина шаховски позиции и чајна кујна.

-Наша цел е со обезбедувањето подобри услови за шахистите да го реафирмираме шахот во општината, со оглед што Кочани своевремено беше еден од носечките градови во државата во шаховската игра. Просториите ги добивме на користење од Локалната самоуправа и таа ќе ги подмирува и режиските трошоци. Со тоа младите шахисти, но и повозрасните мајстори на шаховската игра од општината добија соодветно катче за своите активности, а се овозможуваат и услови за организирање турнирски натпревари, истакна Благој Ситновски, претседател на Шаховскиот клуб „Кочани“.

Следна активност што ќе се реализира во краток период е формирање на младински секции во училиштата, со што ќе се промовира шахот меѓу учениците и ќе помогне во откривањето нови шаховски таленти.

Адаптацијата и опремувањето на новите простории се реализираше со поддршка од неколку општествено одговорни компании, а кочанскиот шаховски клуб ќе биде отворен секој ден во попладневниот и вечерниот период. та/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан