• вторник, 05 ноември 2024

„Шанса за Центар“: Општината целосно ги отфрла конкурсот и идејните решенија за локацијата кај „Треска“

„Шанса за Центар“: Општината целосно ги отфрла конкурсот и идејните решенија за локацијата кај „Треска“

Скопје, 19 април 2023 (МИА) - Со издавањето на првото одобрение за купување државно земјиште во поранешната фабрика „Треска“ заради дооформување на градежна парцела за изградба на згради, ќе се создаде уште едно „тесно грло“ во Општина Центра и уште една локација која ќе произведува хаос наместо да биде локација која ќе го збогати целиот Буњаковец, реагираат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.

Јана Белчева-Андреевска од „Шанса за Центар“ денеска на прес-конференција рече дека се за урбанизација на овој простор, но не и за бетонизација, посочувајќи дека има целосно игнорирање на конкурсот и на идејните решенија.

- Деновие се објави веста дека се почнува со продажба на државно земјиште на локалитетот на поранешната фабрика „Треска“. Таму каде што имаше 47 проценти државно земјиште, кое можеше да се искористи за сосема други намени. Ние за овој план од 2012 година слушавме многу политички ветувања уште во 2017 година - како плановите од 2012 се незаконски, како ќе бидат променети, како ќе се слуша гласот на граѓаните... Но, еве со овие последни чекори на распродажба се отвора можноста за издавање на дозволи за градба на локацијата на фабриката „Треска“ и се распрснува уште едно предизборно ветување на СДСМ, рече Белчева-Андреевска.

Јана Белчева-Андреевска ФОТО/МИА

Таа потсети дека во 2020 година Советот на Општината донесе заклучок за урбанистичко решавање на просторот на локацијата на „Треска“ со конкурс. Тој конкурс беше реализиран со пари на граѓаните, а одлука е донесена на Советот.

Во 2021 година, како што потсети, беше подготвен стручен елаборат за суспензија, во кој од стручни лица од Општината потпишани на елаборатот, стои кои се сите прекршувања на Деталниот урбанистички план, во однос на параметрите од Генералниот урбанистички план, на подзаконските акти, како и на други регулативи, особено на нарушување на јавниот интерес и искористување на државното земјиште и претворање во градежно.

- И она што е најважно е дека во предизборната кампања во 2021 година, градоначалникот Горан Герасимовски изјави „балансот во Деталниот урбанистички планови е целосно нарушен, а јавниот интерес, целосно се игнорира за сметка на приватни интереси на градежни фирми и поединци со влијание. Граѓаните немаат доверба во процедурите и општината која во континуитет не ги заштитува нивниот интерес, а граѓаните не можат да променат ништо. Ние целосно ќе ја смениме концепцијата на урбанистичко планирање“. По само една година од владеењето во Општината, резултатите се дека градоначалникот Герасимовски се става над прописите и одлуките и со тоа го делигитимира Советот на Општината и одлуките кои го донел Советот, тврди Белчева-Андреевска.

Според неа, Герасимовски го игнорира конкурсот и вклопување на конкурсот на надграденото решение во новото урбанистичко решение за делот на локалитетот на фабриката „Треска“.

- Градоначалникот треба да е свесен дека ќе остане запаметен како човек кој го продава државното земјиште во „Треска“ и како човек што си ги поништи и своите зборови, но уште повеќе, го згази јавниот интерес и сите заложби на луѓето кои се потпишуваат на петиции за креирање на конкурс за „Треска“ и кои се заложија ова да биде поинаку решено, вели Белчева-Андреевска.

Јане Димески од „Шанса за Центар“ на прес-конференцијата потсети на изјавата на градоначалникот Герасимовски, во која тој за конкурсот за „Треска“, најавувал дека Општината целосно ќе го почитува овој процес и отворено ќе комуницира со јавноста за секој чекор.

Но, ова што се случува една година подоцна, како што вели, е целосно спротивно од ветувањето на градоначалникот.

Јане Димески од „Шанса за Центар“ ФОТО/МИА

- Имаме целосно игнорирање на конкурсот, на идејните решенија и на занемарување на целиот процес, иако за него има одлука донесена од самиот Совет, а новиот Совет нема донесено спротивна одлука со која што ја поништува таа одлука. Од тука, заложбите на градоначалникот дека ќе се заложува за хуманизација на просторот, паѓа во вода, затоа што „Треска“ е локација која совршено ги нудеше условите да се докаже токму тоа, посочи Димески.

Како што додаде тој, со тоа што градоначалникот го отфрла целиот конкурс, идејните решенија и целиот процес што се одвивал во Општината се до неговото доаѓање на чело на Центар, овозможува спроведување на планови кои што од самата Општина се утврдени како лоши и го пробиваат Генералниот план.

- На пример, во некои параметри, според она што би се спроведувало сега - плановите покажуваат дека ако во Генералниот урбанистички план процентот на изграденост во Буњаковец се предвидува да биде 22 проценти, со овие планови тој ќе биде 61 процент. Ако ГУП-от предвидува на целото подрачје на Буњаковец да живеат 12.500 жители, со спроведувањето на овие планови, би живееле над 33 илјади жители. Ако просечниот број на семејството се планирал да биде максимум 3.400, сега се овозможува над 9.300, според плановите кои тој тврди дека се важечки. Со ова ќе ни се создаде уште едно тесно грло во Општината, уште една локација која ќе произведува хаос, додаде Димески. бт/сп/

 

Остани поврзан