• четврток, 14 ноември 2024

Чулев: Осум сектори за внатрешни работи ќе бидат подложни на промени

Чулев: Осум сектори за внатрешни работи ќе бидат подложни на промени
Скопје, 8 јануари 2020 (МИА) – Осум сектори за внатрешни работи ќе бидат подложни на промена, најави во интервјуто за Националниот јавен сервис МРТВ техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев. Промените, како што рече веќе се издиференцирани со техничкиот премиер Оливер Спасовски, и очекува во текот на денешниот ден да помине новата систематизација на Влада. - Јас имам право само на 15 промени. Оние 15 места што ќе бидат подложни на промена се осумте сектори за внатрешни работи – Скопје, Куманово, Велес, Тетово, Битола, Штип, Охрид и Струмица, Одделението за внатрешни работи во Прилеп со оглед на големината и бројот на население, тоа е Одделот за справување на организиран криминал и сериозен криминал, Единицата за интервентна полиција, Одделот за специјални полициски операции, Единицата за специјални задачи, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и Одделот за информатика и телекомуникации. Во консултации со дел од колегите од МВР селектирани се лица кои се со долгогодишно стручно искуство во проблематиката што ќе ја покриваат, кои се професионалци и луѓе со чест и интегритет. Да ви кажам дека за имињата дополнително ќе ве информирам заради тоа што уште се вршат завршни консултации и проверки, рече Чулев. Во однос на направените реформи во изминатиот период во МВР, Чулев вели дека начинот на кој биле направени не кореспондирал во целост на барањата. - За тоа сведочи на пример, што е предлагачот на Законот за Операторивно-техничката агенција по неполна цела година сега поднесува нови промени во овој Закон. Во однос на Агенцијата за национална безбедност кажав и претходно процесот на селекција е нелегитимен и нелегален од аспект што не беа испочитувани двете законски одредби, а тоа е спроведување на тест за интегритет и полиграфско тестирање, а исто, еве да ви кажам, денес службите ме информираа дека сите оние вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање коишто не беа примени во АНБ уште не се распоредени и по шест месеци во рамките на МВР и уште примаат плата од правен субјект којшто веќе не постои, а тоа е УБК, оцени тој. Во однос на кадарот во Министерството, Чулев смета дека во МВР има голем број луѓе со соодветно стручно образование и луѓе со чест и професионален интегритет и оти ќе настојува поларизацијата и партизацијата во МВР да биде елиминирано за сметка на професионализацијата. - Добар дел од оние криминалистички таргети, односно предмети на оперативно работење се видени и се наоѓаат во друштво со највисоките носители на власта заради ризик, загрозување на сопствената и лична безбедност и безбедноста на нивните семејства и од страв дека ќе бидат професионално деградирани и истите за тоа не водат криминалистички истраги. Заради тоа, јас ќе настојувам во наредниот период да им се даде шанса на цел оној професионален и стручен кадар којшто во изминатиот период бил деморализиран, го изгубил ентузијазмот или од икс причини коишто претходно ги наведов не бил мотивиран за работа да ја добијат својата професионална шанса и да бидат соодветно наградени, рече Чулев. Техничкиот министер додава дека ќе се постапува и по истраги што се уште не се завршени и во наредниот период ќе бидат процесуирани до надлежните правосудни органи. Чулев, во однос на претстојните избори и дали има точки на кои им е потребно повеќе внимание, вели дека како Министерство ги мапирале критичните точки и за денот на избори, а и пред тоа ќе бидат распоредени дополнителни полициски сили со цел спречување на каков било начин да се наруши избирачкото право на граѓаните или да се изврши корумпирање на гласачкото тело. - Ја користам оваа прилика исто така да упатам силна порака до сите оние поединци или криминални групи во земјата и во странство надоврзани на политички гарнитури дека ниту еден политичар нема да им биде гаранција да се спасат од кривичен прогон и процесуирање до правосудните органи доколку на кој било начин или со кој било средства се обидат да го нарушат избирачкото право на граѓаните или да го нарушат избирачкиот процес, подвлече тој. Чулев ја оценува безбедносната состојба во земјава како стабилна. Имајќи го во предвид моето претходно искуство, како што рече, можам да информирам дека она што значи ризик од илегална миграција и понатаму е присутен имајќи ги во предвид безбедносните настани и актуелни на Средниот Исток, а за што нашето Собрание веќе има прогласено и кризна состојба. - Дополнително стои безбедносниот ризик од повратниците и она што значи насилен екстремизам и верски радикализам од терористички структури. Ги уверувам граѓаните дека во овој предизборен период и за денот на одржување на изборите нека бидат спокојни и мирни бидејќи МВР им ја гарантира нивната безбедност, оценува техничкиот министер. нд/см/

Остани поврзан