• четврток, 08 август 2024

Читаку: На Косово му требаат мостови со САД, ЕУ и НАТО

Читаку: На Косово му требаат мостови со САД, ЕУ и НАТО

Приштина, 8 август 2024 (МИА) – Потпретседателката на најголемата косовска парламентарна опозициска партија, Демократската партија на Косово, Вљора Читаку упати остри критики на пристапот на Владата на Косово кон отворањето на мостот на реката Ибар, кој го дели градот Митровица на јужен дел, населен со мнозинство Албанци, и северен дел, со српско мнозинство, јави дописникот на МИА од Приштина.

Преку објава на Фејсбук, Читаку истакна дека главен приоритет за Косово треба да биде зајакнувањето на врските со Соединетите Американски Држави, Европската Унија и НАТО.

„Мостови што му требаат на Косово се мостовите со САД, ЕУ, НАТО. Мостовите кои ни се потребни се оние кои го јакнат интегритетот и меѓународниот субјективитет на Косово. Чекориме по овие мостови што ги имаме, затоа што сме заедно со нашите сојузници“, напиша Читаку.

Изјавата на поранешната косовска амбасадорка во САД доаѓа по коментарот на премиерот Албин Курти, кој рече дека „мостовите не обединуваат“ и дека мостот на реката Ибар треба да биде „симбол на нормализација“.

Читаку истакна дека владата треба повеќе да се фокусира на реалната содржина на политиките и меѓународните односи, наместо на напорите за создавање симболични гестови.

„Повеќе содржина, помалку симболика“, порача Читаку. иа/рп/

Остани поврзан