• петок, 22 ноември 2024

„Чистота и зеленило“ сади нов дрворед во Куманово

„Чистота и зеленило“ сади нов дрворед во Куманово
Куманово, 21 ноември 2022 (МИА) - Екипите на ЈП „Чистота и зеленило“ Куманово садат нов дрворед покрај улицата „Братство и единство“ во Куманово, соопштија денеска надлежните од претпријатието. Во моментов на локацијата се сади јасен. - Садниците не бараат посебни услови за одржување, доста се отпорни и на суша и на мрзнење, добри се за одржување и важно собираат издувни гасови и придонесуваат за почист воздух, изјави заменик-директорот на претпријатието, Цветанка Ивановска, воедно шумарски инженер и магистер по еколошки ресурси. Изминатиот период екипите од „Зеленило“ насадија зимзелени садници кои претставуваат звучна изолација и го штитат воздухот од издувните гасови од автопатот Куманово-Табановце кај зградите кај поранешен Монопол. Од претпријатието повикаа граѓаните совесно да се однесуваат, потсетувајќи дека дел од садниците на дрворедите и кај градскиот стадион и во населбата Карпош ги уништија несовесни граѓани. - Јасените се наше сопствено производство од расадникот. Изминатиот период преку акции насадени се и обновени се над 4.500 садници на повеќе локации. Ако дозволат временските услови и во петок е планирана акција, обезбеден е саден материјал за градскиот кеј, изјави Ивановска. Садењето садници, дрвореди, акции за пошумување се дел од среднорочните мерки за намалување на аерозагадувањето, план кој го донесе општината пред пандемијата. ам/цр

Остани поврзан