• недела, 14 декември 2025

Чиле избира претседател: Фаворитот на екстремната десница Каст против кандидатот на Комунистичката партија Хара

Чиле избира претседател: Фаворитот на екстремната десница Каст против кандидатот на Комунистичката партија Хара

Сантјаго, 14 декември 2025 (МИА) - Чилеанците денеска излегуваат на гласање во втор круг од претседателските избори за да го изберат следниот претседател на земјата, при што кандидатот на екстремната десница, Хозе Антонио Каст, е јасен фаворит, пренесе ДПА.

Според анкетите на јавното мислење, Каст води со голема разлика пред Жанет Хара, кандидатка на владејачката левичарска коалиција и членка на Комунистичката партија.

Прашањето за криминалот доминираше во изборната кампања, иако Чиле е една од најбезбедните земји во Латинска Америка.

Исто така, на политичката агенда високо се искачи и прашањето за миграцијата, поттикната од приливот на луѓе кои бегаат од насилството и сиромаштијата во Венецуела. Мигрантите сега сочинуваат околу 10 проценти од населението на Чиле.

Каст, од Републиканската партија, во фокусот на својата кампања го стави обезбедувањето на границите на Чиле и депортирањето на мигрантите без соодветен правен статус. Тој, исто така, најави планови за изградба на нови затвори.

Во првиот круг, одржан на 16 ноември, Хара (51), поранешна министерка за труд, освои речиси 27 отсто од гласовите. Каст (59), заврши втор со 24 отсто. Каст успеа да ги мобилизира гласовите на неговите поразени противници од десничарскиот табор, што го прави најголем фаворит за денешното гласање.

Каст, по потекло од семејство на германски имигранти, е посветен католик и татко на девет деца. Неговиот татко, член на нацистичката партија од Баварија, се преселил во Чиле по Втората светска војна.

Актуелниот левичарски претседател Габриел Бориќ не можеше да се кандидира за реизбор според Уставот.

Победникот на изборите ќе ја преземе функцијата на 11 март 2026 година. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан