• вторник, 25 март 2025

Четири пациенти се критични, осум се враќаат од странство, а 16 одат на домашно лекување

Четири пациенти се критични, осум се враќаат од странство, а 16 одат на домашно лекување

Скопје, 24 март 2025 (МИА) - По сите направени испитувања, денеска од јавните здравствени установи во Скопје се очекува да бидат испишани 16 пациенти од трагедијата во Кочани. Како што најави министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес-конференција, тие ќе продолжат со лекување во домашни услови. Триесет пациенти ќе продолжат да се лекуваат во јавните здравствени установи во главниот град на државава.

Како што информираше Таравари, во државава моментално се лекуваат 54 пациенти од трагедијата во Кочани. Четириесет и шест низ јавните здравствени установи, а осуммина повредени во приватни болници.

Од оние во јавното здравство, 26 се лекуваат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, тројца на КАРИЛ, шестмина на Пластична хирургија, 11 на Токсикологија, по двајца на Пулмологија и Детска хирургија и по еден на Торакална хирургија и Офталмологија. По десет лица се лекуваат во ГОБ „8 Септември“ и Клиниката по хируршки болести „Свети Наум Охридски“. 

Во странство се лекуваат 115 пациенти. Министерот рече дека четири лица кои се на лекување во странство, се во критична состојба. Оваа недела, се очекува осуммина од оние во странство, да се вратат на клиниките кај нас.

- Веќе се подготвуваме за прием на пациенти кои се враќаат, кои се лекуваат надвор од државата. Надвор од Македонија се лекуваат 115 пациенти. Оваа недела очекуваме осум пациенти да почнат да се примаат прво во клиниките кај нас, подвлече Таравари.

Тој појасни дека пациентите се во фаза на инфекции и можни се компликации. Сепак, додаде, здравствените работници од странство го даваат нивниот максимум.

- Се надевам барем половина од пациентите ќе се вратат за две недели, додаде Таравари. бд/ац/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан