• понеделник, 27 јануари 2025

Четириесет и осум часовен штрајк во франкофонските училишта во Белгија 

Четириесет и осум часовен штрајк во франкофонските училишта во Белгија 

Брисел, 27 јануари 2025 (МИА) - Вработените во средните и основните училишта во Белгија во кои наставата се одвива на француски јазик денеска започнаа 48-часовен штрајк во знак на протест против најавите на новите влади на регионите Валонија и Брисел за штедење и за реформи во образованието. 

На првиот ден од дводневниот штрајк за денеска е најавен централен протест во Брисел, а за утре протестни собири низ градот и во населените места во Валонија.  

Последен пат 48-часовен штрајк во образованието во Белгија беше одржан во 90-те години на минатиот век по тогашната најава за отпуштање околу 2.800 просветни работници, при што наставата се одвиваше со прекини неколку месеци. 

Во пресрет на денешниот штрајк претседателите на двата главни синдикати на просветарите, Генералната конфедерација на јавните служби (ЦГСП) и Конфедерацијата на христијански синдикати - Образование (ЦСЦ-Е), Лук Тусен и Ролан Лаје во заедничко интервју за весникот „Соар“ порачаа дека незадоволството во образовниот сектор датира уште од време на Ковид пандемијата, но оти состојбата е дополнително влошена со најавите на двете регионални влади за нови планови за штедење и за реформи со кои во прашање се доведуваат околу 500 работни места во училиштата.  

Синдикатите се незадоволни од т.н. „Пакт за извонредност“, кој претставува сеопфатен пакет на реформи во образовниот систем што треба етапно да се спроведат до 2030 година, како и од новата процедура за евалуација на наставниците и намалувањето на средствата за техничкото и стручното образование.   

Уште од најавата на ваквите мерки пред шест месеци просветните работници одржаа неколку протести во знак на незадоволство од планираните реформи, при што најмасовните протестни собири се одржаа кон крајот на ноември. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан