Четврто издание на Спортскиот фестивал „Илинден“ во Струга
- Традиционално, по четврти пат и годинава на 2 август на кејот на реката Црн Дрим во Струга ќе се одржи спортскиот фестивал „Илинден“ во организација на спортско-рекреативниот клуб „Соларис“.
Струга, 7 јули 2025 (МИА) - Традиционално, по четврти пат и годинава на 2 август на кејот на реката Црн Дрим во Струга ќе се одржи спортскиот фестивал „Илинден“ во организација на спортско-рекреативниот клуб „Соларис“.
Пријавувањето за учество е во тек, а натпреварувачите, како што информира претседателот на клубот Коста Хиохи, може да се пријават во две од четирите натпреварувачки дисциплини: пливање, кајак, суп и такла.
- Пријавувањето ќе се врши до 25 јули или до поплнување на бројот по натпреварувачка дисцилина. Согласно правилата тоа може да го направите во две од четирите натпреварувачки дисциплини: пливање, кајак, суп и такла. Апликацијата за пријавување е објавена на официјалната фејсбук страна на Фестивалот, изјави Хиохи.
Очекува голем број учесници и посетители, како од земјава, така и од странство.
- Како организатори очекуваме годинава да пораснеме по сите параметри. Во број на учесници, натпреварувачи и секако посетители. Судејќи по раната фаза на пријавување верувам и дека ќе успееме во тоа. Покрај домашни посетители и натпреварувачи најавени ни се и од Унгарија, Финска и Австралија, така што оваа година Фестивалот добива меѓународна димензија, нагласи Хиохи.
- Ги покануваме сите намерници, туристи, спортисти и рекреативци да дојдат на 2 август, на десниот брег после Чаршискиот мост, да го прославиме овој голем празник на еден поинаков начин, рече Хиохи.
Право на учество на спортскиот фестивал „Илинден“ имаат сите заинтересирани граѓани со претходна пријава. сс/дма/
Фото: Архива Спортски клуб „Соларис“