• понеделник, 20 мај 2024

Четврти пораз на Алкалоид во ракометната Лига Европа

Четврти пораз на Алкалоид во ракометната Лига Европа

Нови Сад, 28 ноември 2023 (МИА) – Ракометарите на македонскиот вицешампион Алкалоид загубија вечерва на гостувањето во Нови Сад од Војводина со 34-29 во рамки на претпоследното, петто, коло во групата Ф во Лигата на Европа.

Натпреварот беше резултатски израмнет до средината на првиот дел (8-7), кога српскиот тим почна постепено да го зголемува водството и да замине на полувреме со предност од пет разлика (16-11).

Македонскиот претставник ја намали негативата на 27-23 во 48 минута, но Војводина ги казнуваше грешките на младиот и неискусен состав на Алкалоид за конечен триумф од 34-29.

Најефикасен во редовите на Алкалоид беше репрезентативецот Мартин Серафимов со  осум голови. 

Настапот во групната фаза во второто по ранг европско ракометно клупско натпреварување Алкалоид ќе го заврши на 5 декември со дуел на домашен терен против шпанскиот претставник Ла Риоха.

На првиот натпревар во Шпанија составот предводен од Кирил Лазаров на клупата одигра 29-29 што е единствениот освоен бод за Алкалоид кој е последнопласиран во групата. ег/цр

Фото: РК Алкалоид/Фејсбук

Остани поврзан