• четврток, 26 март 2026

Челик: Распуштањето на ПКК е клучно решение за ослободување на Турција од тероризмот

Челик: Распуштањето на ПКК е клучно решение за ослободување на Турција од тероризмот

Анкара, 12 мај 2025 (МИА) – Портпаролот на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП), Омер Челик денеска изјави дека распуштањето на терористичката група Курдска работничка партија (ПКК) е клучно за ослободување на Турција од тероризмот.

Претходно, ПКК објави официјално соопштение дека на 12. Конгрес на ПКК одржан од 5 до 7 мај донесена е одлука за самораспуштање на партијата.

- Ако одлуката за распуштање на ПКК биде спроведена во целост, со затворање на сите ограноци на организацијата, тоа би била пресвртница, наведе Челик.

Тој додаде дека процесот на распуштање на ПКК ќе биде набљудуван од државните институции, кои ќе го информираат турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за ситуацијата.

ПКК е прогласена за терористичка организација во Турција, во ЕУ и во САД.

ПКК е вооружена група формирана од Абдула Оџалан во 1978 година во Југоисточна Турција. Идеологијата на групата се базира на марксистичко-ленинистички идеи. Непосредно по воениот удар во Турција во 1980 година, Оџалан побегнал во соседна Сирија. Четири години подоцна, тој почна вооружена борба против Анкара.

Подоцна, Дамаск ја прекинал поддршката за Оџалан поради закана од војна со Турција во 1998 година. Сириските власти ги затворија камповите на ПКК и го протераа Оџалан, кој во 1999 година беше уапсен во главниот град на Кенија, Најроби, и екстрадиран во Турција.

Оџелан е осуден на осуден на смрт за велепредавство и тероризам. Подоцна казната му е заменета со доживотен затвор, и тој е затворен на островот Имрали во Мраморно Море, каде што поголемиот дел од времето е во изолација.

Во октомври минатата година, лидерот на Партијата на националистичката акција (МХП) и главен политички сојузник на Ердоган, Девлет Бахчели, ја шокираше Анкара со навестување дека Оџалан би можел да биде ослободен, под услов да прогласи крај на вооружената борба на својата организација. АКП ја поддржа иницијативата, по што прокурдската Партија за еднаквост и демократија на народите (ДЕМ), која се залага за поголеми права и автономија на Курдите, одржа разговори со Оџалан во затворот на островот Имрали.

По средбите меѓу претставниците на ДЕМ и Оџалан, на 27 февруари курдскиот лидер упати историски повик за распуштање на ПКК и ставање крај на вооружената борба, во која од 1984 година досега загинале десетици илјади луѓе. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан