• понеделник, 23 декември 2024

ЦУК: Целосно изгаснат пожарот во зградата во скопската населба Чаир

ЦУК:  Целосно изгаснат пожарот во зградата во скопската населба Чаир

Скопје, 3 октомври 2024 (МИА) - Целосно е изгаснат пожарот што избувна вчера во подрумски простории во зграда во скопската населба Чаир. Состојбата со опожарениот дел на зградата и состојбата на становите во зградата допрва ќе се утврдува, соопшти денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Пожарот, спред ЦУК, бил доизгаснат денеска околу 9:30 часот. Утрово пожарот се уште бил активен и на терен биле три противпожарни возила од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје. 

Од ЦУК потсетуваат дека вчера, од 1:50 часот, пожарот во Чаир го гаснеле 20 пожарникари со седум противпожарни возила поради запален магацин на улица „Прохор Пчињски“ бр.136, во подрумски дел на зградата.

- Пожарот е проширен и на станбена зграда, на приземните дуќани, а имаше многу густ црн чад, поради што евакуирани се повеќе од жителите на зградата. Од Итната медицинска помош во 14:25 часот известиле дека имаат дадено прва медицинска помош на 10 деца, 21 возрасен, еден пожарникар и една бремена жена. Дополнително како помош на БППЗ на Град Скопје пристигнало специјално противпожарно возило на АРСМ, соопшти ЦУК.

Специјалното противпожарно возило на Армијата синоќа се вклучи во гаснењето на пожарот. ЦУК вчера информираше дека гаснењето на пожарот се одвива отежнато поради големата количина на чад и високата температура во подрумите во кои била складирана поголема количина на запалливи материјали.

Дел од медиумите објавија дека се опожарени простории кои се користеле како магацински простор од страна на фирма во кој имало големо количество пластични производи. мд/нд/

Фото: МИА архива и ЦУК 

Остани поврзан