• недела, 22 декември 2024

ЦНДХ: Нуклеарните тестови на Франција во Алжир - кривично дело кое нема застареност

ЦНДХ: Нуклеарните тестови на Франција во Алжир - кривично дело кое нема застареност

Алжир, 30 август 2023 (МИА) - Алжирскиот Национален совет за човекови права (ЦНДХ) соопшти дека нуклеарните тестови на Франција во алжирска Сахара засекогаш ќе останат кривично дело без застареност што бара судска одговорност, јави алжирската новинска агенција (АПС), пренесува БТА. 

По повод Меѓународниот ден против нуклеарните тестови (29 август), ЦНДХ соопшти дека нуклеарните експлозии што ги изврши францускиот колонијален режим во алжирска Сахара доведоа до „уништување на луѓето, природата и животната средина“.

Француските власти одлучија да ја искористат алжирската Сахара како полигон за нуклеарни бомби, тврдејќи пред Обединетите нации дека тоа е ненаселена зона, соопшти советодавното тело, наведувајќи ги последиците од тие експлозии, кои сè уште ги погодуваат децата на жртвите.

-Нуклеарното тестирање, особено, засекогаш ќе остане кривично дело кое нема застареност, а неговите последици не можат да се поправат со никаков надомест. Сè уште постои надеж дека ефектите од оваа катастрофа можат да се ублажат преку темелно истражување, велат од советодавното тело. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан