Целосно реконструиран патот до Каратманово, подобрена инфраструктурата за жителите на Лозово
- Заврши целосната реконструкција на локалниот пат кон село Каратманово, во должина од околу 1,2 километри, на потегот од влезот во селото до клучката со експресниот пат А-3. Реконструкцијата е финансирана од Министерството за транспорт со дополнителна поддршка од буџетот на Општина Лозово.
Велес,16 септември 2025 (МИА) – Заврши целосната реконструкција на локалниот пат кон село Каратманово, во должина од околу 1,2 километри, на потегот од влезот во селото до клучката со експресниот пат А-3. Реконструкцијата е финансирана од Министерството за транспорт со дополнителна поддршка од буџетот на Општина Лозово.
Градоначалникот на Општина Лозово, Бошко Цветковски, информира за МИА дека патот е со широчина од 3,5 метри и банкини од по 50 сантиметри од двете страни. Поставени се и фосфорни столбчиња за ноќна сигнализација со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.
- Патот е направен по сообраќаен проект според сите стандарди, со можност за разминување и на поголеми возила. Во таа насока направени се дополнително и две поголеми проширувања на патот, потенцира Цветковски.
Воедно информира дека се асфалтирани и приклучоците на пристапните патишта на овој локален патен правец за да се спречи оштетување на истиот.
Освен жителите на Каратманово патот го користат и жителите на останатите населени места, како и на Лозово.
- Целта ни е подобра сообраќајна инфраструктура за жителите од сите населени места во општината. Во таа насока од Општина Лозово во текот на целата година континуирано работиме и на реконструцијаи на други патни правци во населените места во Општина Лозово, додаде градоначалникот Цветковски. ад/дма/
Фото: Општина Лозово