• четврток, 04 декември 2025

Целосно реконструирани сместувачките капацитети на Клиниката за пластична хирургија

Целосно реконструирани сместувачките капацитети на Клиниката за пластична хирургија

Скопје, 2 декември 2025 (МИА) - На Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија е извршена целосна реконструкција на сместувачките капацитети, каде изминатиот период се лекуваа дел од повредените лица од пожарот во Кочани. По повод реконструкцијата, Клиниката денеска ја посети министерот за здравство Азир Алиу.

- Целосно се реконструирани сместувачките капацитети на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија. Реновиран е посебен апартман во клиниката, како и собата за преврски, со што пациентите добиваат унапредени услови за престој и третман, а значително е подобрена и функционалноста на просторот, што директно влијае на квалитетот на грижата за пациентите. Со донацијата од Големата ложа на Македонија, во вредност од 25 илјади евра, обезбедена е и нова медицинска опрема, која опфаќа антидекубитални душеци, медицински лопатки, сталаци за инфузија, и други апарати, истакна министерот Алиу при посетата.

Тој изрази благодарност за значајниот филантропски гест до членовите на Големата ложа на Македонија и на целото раководство, кои со овој чин покажуваат дека филантропијата е одговорност, а не само убав збор, а воедно и дека јавниот здравствен систем има пријатели и партнери кои веруваат во можноста за унапредување на грижата за пациентите, соопшти Министерството за здравство. рп/са/

Фото: Министерство за здравство

Остани поврзан