• недела, 22 декември 2024

ЦГК: Во набавките често има корупција, сметаат 41 отсто од лицата од институции вклучени во јавните набавки

ЦГК: Во набавките често има корупција, сметаат 41 отсто од лицата од институции вклучени во јавните набавки

Скопје, 30 септември 2024 (МИА) - Четириесет и еден отсто од лицата за јавни набавки по државните институции сметаат дека во набавките често има корупција. Најголем дел од нив велат дека најприсутна е корупцијата како последица на политичките интереси и оти поголем генератор на корупција се фирмите отколку луѓето во институциите, покажуваат наодите од истражувањето што ги спровел Центарот за граѓански комуникации.

Анализите на Центарот покажуваат и дека 51 процент од фирмите што учествуваат во јавните набавки сметаат во набавките има корупција, а со неа лично се соочиле 23 отсто од компаниите вклучени во истражувањето. 

- Јавните набавки во 2023 година достигнаа рекордно висока вредност и рекордно ниска конкуренција во последните 10 години. Склучени се договори за јавни набавки во вкупна вредност од 1,5 милијарда евра, што е 35 отсто повеќе од претходната година. Според мониторингот на јавни набавки, Просечниот број понуди по тендер изнесувал 2,7. Во една третина од тендерите е добиена само по една понуда. Отсуството на конкуренција е последица на фаворизирачки тендерски документации и загубена доверба на бизнис-секторот во фер натпревар на набавките, се вели во денешното соопштение од Центарот за граѓански комуникации во врска со спроведеното истражување. 

Според Центарот, Индексот на рационалност открива големи разлики во цените по коишто институциите купуваат исти производи и услуги. Така, на пример, исти лиценци за компјутерски софтвер се купувани по цени од 6.185 до 23.100 денари. 

- Базата на податоци за јавните набавки на општините, пак, открива дека во 2023 година, општините за набавки потрошиле 40 отсто повеќе пари од претходната година и дека само десет фирми добиле 25 отсто од вредноста на сите тендери, покажуваат резултатите од истражувањето. 

Извештаите и истражувањата се изработени во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Изготвен е Извештај од редовниот мониторинг на јавните набавки, кој вклучува и анкети со фирмите и со претставниците на државните институции, Индексот на рационалност каде што се споредени цените по коишто различни институции набавувале сосема исти производи или услуги и  Анализа и база на податоци за јавните набавки на општините за 2023 година. сст/са/

фото МИА архива

 

Остани поврзан