• понеделник, 23 декември 2024

Царовска за МИА: Едукацијата во училница нема подобра алтернатива, нејзината одржливоста зависи од сите учесници во процесот

Царовска за МИА: Едукацијата во училница нема подобра алтернатива, нејзината одржливоста зависи од сите учесници во процесот
Скопје, 31 август 2021 (МИА) - Многу труд и енергија вложивме заедно со мојот тим, за да ги придвижиме напред работите кои требаше да се променат пред повеќе од две децении. На добар пат сме и нема откажување. Промените започнуваат етапно со почетокот на новата учебна година, а ефектите ги очекуваме за пет-шест години, вели министерската за образование и наука Мила Царовска во интервју за МИА. Новата учебна година утре почнува со отворени врати на училиштата за сите ученици, со исклучок за Тетово и Гостивар, каде средношколците наставата ќе ја почнат онлајн, согласно проценката по однос на ризик и одлука на Комисијата за заразни болести, заради големиот број заразени во овие општини. Царовска во интервјуто за МИА нагласува дека имаат план и протоколи за постапување на училиштата за состојбата да биде одржлива. Нагласува дека повеќе од јасно е дека едукацијата во училница нема друга подобра алтернатива која може да го задоволи најдобриот интерес на учениците и да ги ослободи родителите од дополнителни грижи и обврски, намалувајќи го времето на учење заедно со нивните деца во домашни услови, а воедно и да ја одржи сатисфакцијата и мотивацијата за посветеност во работата кај самите наставници. Додава дека за да се одржи таа состојба потребна е максимална грижа и одговорност од страна на сите учесници во воспитно – образовниот процес, од ученици, наставници, родители и тоа не само во училиштата, туку и секаде надвор од нив. Министерката Царовска за МИА нагласи дека досега е вакциниран над 70 отсто од наставниот кадар, што како што посочи, е добра основа за физичко присуство, а во случај да се прошири заразата во училиштата МОН има подготвено две дополнителни сценарија. Како алтернативи на наставата со физичко присуство се хибридниот модел, односно онлајн настава за сите ученици освен за учениците од прво до четврто одделение, а другата опција е комбинирана настава, односно учениците од секое одделение да се поделат на две групи и да ротираат на училиште преку една недела, додека другата група следи онлајн настава. Со Царовска разговаравме и за новините, кои ќе се воведат од оваа учебна година, за кои таа посочува дека се прават етапно. Се почнува со прво и четврто одделение, а ќе се заврши со деветто одделение за некоја година. Министерката вели дека новите наставни програми, наложуваат поголема интеракција помеѓу наставниците и учениците, што значи, како што вели дека пасивното предавање по принцип „пишување со креда на табла“ заминува во историјата. -Сите ученици ќе бидат „будни“ и активни на часовите, ќе даваат придонес во реализацијата. Новите материјали за учење, како што споменав годинава за прво и четврто, ќе понудат информации што се лесни за помнење, а оние непотребните кои досега наставниците мака мачеа како да ги врежат во меморијата на учениците, се елиминираат, нагласува Царовска во интервјуто за МИА. Со Царовска разговаравме и за најголемите предизвици со кои се соочила откако го преводи МОН, за покачувањето на платите на наставниот кадар, за Законот за учебници, но и за подготвеноста на самите училишта за претстојните промени. Министерката вели дека набавиле 10.000 таблет компјутери, првенствено за ученици од четврто одделение кои потекнуваат од семејства во социјален ризик, за да можат да ги користат дигиталните учебници, кои исто така се новина годинава. Досега 3000 од нив, како што рече, се се распределени по училиштата. Во продолжение следува целото интервју во министерката за образование и наука, Мила Царовска: Утре започнува новата учебна година. Пред две недели на предлог на МОН Владата одлучи сите ученици да се вратат во училниците, но во меѓувреме бројки на заразени од Ковид-19 не се намалуваат. Дали можеби почнувате да размислувате за менување на одлуката? Одлуката за настава со физичко присуство е донесена врз основа на анализа на досегашните домашни и странски искуства и актуелни состојби, врз основа на препораките на УНИЦЕФ, ОЕЦД и други организации што работат на полето на заштита и унапредување на правата на децата. Секако, предвид се земени и можностите на училиштата, а првенствено и најважно е мислењето на институциите и органите кои се задолжени за координирање на активностите за справување со пандемијата. Овде пред сé мислам на Комисијата за заразни болести, така што аспектот на безбедност по здравјето на учениците запазен. Имаме и план и протоколи за постапување на училиштата за состојбата да биде одржлива. Повеќе од јасно е дека едукацијата во училница нема друга подобра алтернатива која може да го задоволи најдобриот интерес на учениците и да ги ослободи родителите од дополнителни грижи и обврски, намалувајќи го времето на учење заедно со нивните деца во домашни услови, а воедно и да ја одржи сатисфакцијата и мотивацијата за посветеност во работата кај самите наставници. За нив нема подобро чувство од тоа кога своите ученици ги гледаат пред себе и кога можат да се посветат индивидуално на секого за да ја совлада целосно материјата. Така што, новата учебна година ја почнуваме со отворени врати на училиштата за сите ученици. Ја враќаме сликата од пред година и половина кога за последен пат имавме полни училишта. Но, за да се одржи таа состојба потребна е максимална грижа и одговорност од страна на сите учесници во воспитно – образовниот процес, од ученици, наставници, родители и тоа не само во училиштата, туку и секаде надвор од нив. Едноставно е. Треба само да се почитуваат правилата кои впрочем се релативно исти или слични во сите земји зафатени од пандемијата. Вакцината не е задолжителна ниту за наставници, ниту за ученици. Дали можеби се планира ваков чекор во блиска иднина? Дефинитивно вакцинацијата е најдобриот механизам за брзо стекнување колективен имунитет. Како личност немам ништо против вакцините. Светот опстанал со вакцини и добро е сите да се имунизираме од вирусот, кој за жал, се покажа дека е немилосрден и однесе доста човечки животи. Но, сега за сега таа не е задолжителна, а дали би била, тоа не би можела да го кажам како министерка за образование. Тоа што Министерството за здравство го побара од нас, списоци на вработени во училишта, ние го испорачавме. Да споделам дека веќе е вакциниран над 70 отсто од наставниот кадар и тоа е добра основа за настава со физичко присуство, а мислам и дека бројот за брзо ќе се зголеми. Во интерес на учениците е. Во интерес на иднината. Сите понатамошни одлуки и чекори ги носат здравствените институции, но секако дека заедно ќе се трудиме да ја подигнеме јавната свест за прашањето за вакцинацијата. Што во случај ако заразата се прошири во училиштата? Министерството за образование и наука е подготвено за дополнителни две сценарија. Секако дека доколку добиеме поинакви насоки од досегашните на Комисијата за заразни болести, ќе постапиме по истите. Спремни сме за брза транзиција на моделот на настава, за воспитно – образовниот процес да нема никаков застој. Како алтернативи на наставата со физичко присуство се хибридниот модел кој се применуваше и во изминатата година, а тоа е онлајн настава за сите ученици освен за учениците од прво до четврто одделение кои и натаму би биле во училница. Другата опција е комбинирана настава, односно учениците од секое одделение да се поделат на две групи и да ротираат на училиште преку една недела, додека другата група следи онлајн настава. На тој начин не би ги затвориле целосно сите училишта, што би претставувало пораз за еден државен систем. Направен е исклучок за општина Тетово и Гостивар, каде средношколците наставата ќе ја почнат онлајн. Тоа е проценка по однос на ризик и одлука на Комисијата за заразни болести, заради големиот број заразени во овие општини. Сепак, работиме тоа да не се случи и во други општини и училишта, особено да не се случи во основните училишта каде конечно со новата учебна година започнува етапната имплементација на најкрупните промени досега. Почнуваме со прво и четврто одделение и секако дека ефектот од реформата нема да биде на проектираното ниво доколку наставата се одвива во друга форма, различна од онаа во училница. Многу новини во наставата, но и се уште многу неразјаснети работи. Можете ли да ни појасните што од утре ќе биде поразлично во училиштата во однос на изминатите учебни години? Училиштето ќе почне да станува поинтересно место за учениците. Имаме план за тоа и сум сигурна во успехот. Но потребно е малку време. Работите ги менуваме етапно. Почнуваме со прво и четврто одделение, а ќе завршиме со деветто за некоја година. Промените не можеме да ги гледаме како поединечни чекори, затоа што тие прават една целина и градат нова училишна средина. Новите наставни програми, наложуваат поголема интеракција помеѓу наставниците и учениците, што значи пасивното предавање по принцип „пишување со креда на табла“ заминува во историјата. Сите ученици ќе бидат „будни“ и активни на часовите, ќе даваат придонес во реализацијата. Новите материјали за учење, како што споменав годинава за прво и четврто, ќе понудат информации што се лесни за помнење, а оние непотребните кои досега наставниците мака мачеа како да ги врежат во меморијата на учениците, се елиминираат. Дополнително, материјалите за учење имаат богата мултимедијална содржина, видеа, фотографии, илустрации и слично, а тоа е нешто што е дел од ИТ светот во кој младите живеат. Понатаму, училиштата ќе нудат по 12 изборни предмети годишно и тоа врз основа на анкета што ќе ја спроведуваат со учениците и со нивните родители. Така, тие предмети нема да бидат наметнати, туку по желба на оние што ќе треба да се соочат со нив, односно ќе бидат предмет на нивен интерес. Исто така, стануваат достапни и содржини кои досега многу родители ги плаќале приватно за нивните деца – спорт, драмски секции, изучување странски јазици, глума и така натаму. Едноставно реформата, обезбедува социјална еднаквост меѓу учениците и нивните семејства. Не верувам дека тоа некому пречи. Во меѓувреме сите наставници се обучени да работат по новите наставни програми. Веќе суштината на промените е совладана и тие изразуваат задоволство да учествуваат во трансформацијата на образовниот систем. За тоа, јас сум многу благодарна, бидејќи на хартија можете да ги имате и најдобрите реформи, но ако наставниците не ви се сојузници, тогаш нема да успеете. Ние ќе успееме, бидејќи сме партнери со наставниците и се грижиме за подигнување на нивното задоволство од работата, се грижиме за подобрување на нивниот материјален статус, за нивната општествена положба и дигнитет. Образовниот систем станува поинклузивен. Она што сметам дека е важно да се спомене е и тоа што прв пат државата системски го решава ангажирањето на стручен кадар, односно образовни асистенти кои ќе им помагаат на учениците со попреченост запишани во редовните училишта, полесно да го совладуваат материјалот и да ги остваруваат целите. За новата учебна година ангажирани се 500 стручни лица, а ако има потреба од дополнителен кадар, секако дека ќе го обезбедиме во интерес на учениците со посебни образовни потреби. За тоа веќе имаме согласност од Државната комисија за спречување на корупција, која моравме да ја обезбедиме бидејќи сепак сме влезени во изборен период, кога правилата не дозволуваат нови вработувања за да не се фрли дамка на изборниот процес. Но, овде се работи за дечиња на кои треба да им се помогне и ништо не треба да биде бариера. Со сето ова, конечно училиштето ќе почне да ја извршува функцијата заради која постои и тоа многу ќе им се допадне на учениците, а родителите и старателите ќе бидат ослободени од обврските кои досега ги имале и тоа како дополнително наметнати поради лошата поставеност на образовниот систем – дополнително да ги едуцираат своите деца дома, затоа што детето не по своја вина „ништо не разбрало на час“. Веднаш по најавата дека ќе следат промени во образовниот систем, граѓаните се поделија. Едни веруваат во подобро образование, други пак се скептични, па дури и организираат јавно изразување незадоволство преку протести. Дали сметате дека ова е вистинскиот правец во кој треба да се движи образованието? Во мојата политичка и државничка кариера никогаш не сум иницирала промени, ако од тоа немало реална потреба и ако не сум била сигурна дека работите може да се променат на подобро, да се подигне квалитетот на повисок стадиум. Во образованието, повеќе од јасно е дека доцниме со акција над 20 години и тука немав дилема дека заедно со мојот тим нé чека многу работа. Имам мандат да им помогнам на државата и на граѓаните преку придонес во обезбедувањето на подобра иднина, со повеќе и поквалитетни образовни можности и токму тоа и го правам. Затоа и почнавме со трансформацијата на стариот образовен систем во модерен кој ќе ги популаризира вистинските вредности помеѓу младите. На добар пат сме и нема откажување, успехот ќе го славиме сите заедно за 5-6 години. Само потребно е трпение. Дури и поддршка не ни е потребна доколку некој не сака да помогне, но добро е и да нема неосновани опструкции кои најчесто настануваат поради безидејност или некаква политичка побуда. Кој е најголемиот предизвик со кој се соочивте во овие година дена колку што раководите со МОН? Лажните вести, дефинитивно. Тие го стимулираат дополнително и отпорот кон промени. И покрај тоа што секогаш даваме можност за дијалог и конструктивна дебата, секој чекор што го планираме однапред јавно го кажуваме и го слушаме мислењето на сите, а особено на експертската јавност за да стигнеме до најдоброто решение во интерес на учениците или наставниците или друга засегната категорија граѓани, центрите за манипулации не мируваат во ниту еден момент. Се продуцираат лажни вести како на лента во фабрички погон и тоа, сосема нормално, тоа предизвикува несигурност и вознемиреност кај дел од граѓаните, па службите во МОН мора да се објаснуваат дека се работи за шпекулации и невистини, наместо целосно да се посветиме за постигнување на највисока ефикасност и ефективност во она што вистински треба да се сработи. Но, затоа и промените во образовниот систем предвидуваат интегрирање на медиумската писменост во наставните програми уште во прво одделение, за да можеме да ги подготвуваме учениците од најрана возраст да се справуваат со ова зло, да знаат да препознаваат и да не прифаќаат информации од невалидни извори и со тоа да си го олеснат формирањето на личните ставови и носењето на одлуките. Што значи, неморалните и неетички дејствија на одредени политички субјекти, да бидам и попрецизна, на опозициската ВМРО - ДПМНЕ и нивниот некоректен однос кон граѓаните се и поучни и тие не сакајќи, ни помогнаа во креирањето на образовните политики и поставувањето на еден од стандардите кои учениците треба да ги достигнат за време на основното образование, а тоа е да бидат медиумски доволно писмени. Дали опозицијата достави некаков предлог до МОН за да се унапреди целиот концепт за реформа на образовниот систем? Апсолутно не. Тие единствено беа насочени кон спречување да се усвојат низа нови законски решенија во Собранието, кои треба да ги унапредат состојбите во одредени образовни сегменти, како на пример носењето на Законот за наставници кој треба да обезбеди економска и правна сигурност за наставниот кадар. И како што кажав, во целиот изминат период беа насочени да продуцираат лажни вести, со кои ние секако, се справивме. Затоа што искреноста и чесноста, секогаш победуваат наспроти неискрените намери. Но, ќе беше добро ако сите чинители, особено ние кои ги застапуваме политичките субјекти делевме ист став, дека образованието е најважниот ресурс за напредок на нашата држава и дека неопходна е поголема посветеност кон неговото унапредување. За жал, тоа не е така. Еве, се потврдува дека има политички партии чии ставови се јасни - тие мислат поинаку и не сакаат промени за подобро утре. Зошто? Затоа што веруваат дека ако еден ден повторно буквално речено „завладеат“ со државата, полесно ќе ги манипулираат граѓаните и ќе опстојуваат на своите позиции. Тоа дури и јавно се промовира дека е така и навистина премногу пречи и создава гнев. Засегнати се сегашните генерации, но и многу нови. Засегнато е и моето дете. Па зарем има родител кој не посакува подобра едукација за своето дете? Зарем има родител кој не посакува неговото дете да го реализира потенцијалот кој го поседува овде во својата земја и постојано да добива нови можности за да се надградува? Да учи за вистински вредности и да прерасне во добар човек кој ќе има цели во животот и ќе се стреми да ги остварува тие цели? Верувам и дека членовите на оваа партија како индивидуи имаат вакви размислувања, но слушаат наредби од врвот кога треба да поддржат партиски став, па макар тој бил и погрешен. Наставничкиот пленум го посочи прстот кон вас, бараат покачување на платите за наставниот кадар. Ќе им излезете ли во пресрет некако? Платите на наставниците во изминатите четири години се зголемени за 21 отсто, односно во просечен бруто износ од 4000 денари, речиси пет пати повеќе од покачувањето во времето на претходната влада која граѓаните ја сменија. Значи, нашата политика е да им помагаме на наставниците и да ја подигнуваме нивната желба и мотивација за работа. И тоа секако ќе биде план и во периодот пред нас. Веќе посочив дека понудивме ново законско решение со кое 4700 лица со договори на определено ќе добијат сигурност на работното место, а заедно со сите останати ќе добијат повисоки плати, кои ќе растат како што ќе расте и минималната. Ќе им се исплаќаат додатоци кои реално им следат, но не им се исплаќаат затоа што тоа не е прецизно законски уредено. Но, за жал тој закон не го гледа светлото на денот сеуште, токму заради пратениците на ВМРО – ДПМНЕ, кои им должат одговори на наставниците зошто постапуваат деструктивно и што имаат против наставничката фела. Велите опозицијата не дозволува носење на Законот за наставници, но Законот за учебници сами го повлековте, а бевте решителни да се усвои што поскоро. Што се случи во меѓувреме? Законот за учебници и други наставни материјали во основното и средното образование е повлечен за да се даде можност и на сите оние општествени чинители кои во изминатиот период кога имаше јавна дискусија, не успеаја да го кажат своето мислење, тоа да го сторат сега. Ова е нивно барање и ние секако како демократска влада го почитуваме и ќе го слушнеме нивното мислење кое верувам ќе биде конструктивно и ќе помогне креирањето на уште подобра верзија на законското решение пред повторно да го пуштиме на собраниска расправа. Така што, во никој случај не се откажуваме од спроведувањето на промените, чекор по чекор, онака како што е замислено во транспарентно објавениот план за реформа на образовниот систем. Конечно, зошто и да се откажеме од усвојувањето на едно законско решение кое ќе обезбеди современа дидактика во училиштата, повеќе извори на информации, ќе обезбеди инклузивност затоа што за прв пат ќе се изработуваат учебници на Брајово писмо, како и аудио формат. Ќе се даде поголема слобода на наставниците при изборот на материјалите, а ќе се мотивираат и учениците повеќе да анализираат, да истражуваат и самостојно да носат заклучоци. Едноставно критички и креативно да почнат да размислуваат. Сакам да информирам дека усвоените нови наставни програми врз основа на новата Концепција за основно образование, се основа за изработка на нови материјали за учење. Тоа било така досега и така и ќе остане. И, за прво и за четврто одделение материјалите за учење се веќе готови. Оние за прво се печатени за да децата уште од најрана возраст стекнат однос кон книгата. Ќе им бидат на располагање на учениците уште на првиот училишен ден. Секој ќе добие комплет, модерни учебници, прилагодени на возраста и со нов пристап во совладувањето на материјата. Готови се и оние за четврто одделение. Тие се дигитализирани и веќе поставени на електронска библиотека. Навистина се многу интересни, затоа што нудат мултимедијални содржини, едноставно нудат визуелизација на наставната содржина, која треба да се совлада и тоа низ игри, квизови, низ видеа и така натаму. Јавноста ќе се увери уште утре во ова што го зборувам и промовирам и особено ќе ми биде драго што конечно ќе ја разбиеме шпекулацијата дека се бришат теми, се менуваат содржини за да се задоволат политички барања на одредени држави кон нашата, дека ќе воведеме родител 1 и родител 2 и слично. Ние немаме скриени намери и работиме отворено пред јавноста. Инаку, учебниците остануваат бесплатни за учениците. Да ја расчистиме и таа дилема. Тие се трошок на државата, за кој се заложивме неколкукратно да се намали. И успеавме во тоа. Еве, годинава имаме заштеда од 10 милиони денари по основ на набавка на учебници. Успеавме преку преговори да ги намалиме цените на оние издавачки куќи кои некако неправедно држат монопол во образованието и во минатото даваа цени од „од ракав“, а по кој основ, се трошеа големи пари од буџетот на МОН. А добро знаеме дека секоја заштеда значи реалокација на средства за друга намена, повеќе пари за капитални инвестиции, за опремување и слично. Спремни ли се училиштата за сите промени кои ќе следат? Во изминатиот период заедно со локалните самоуправи, раководствата на училиштата, со граѓанските организации и странските партнерски организации како УНИЦЕФ, УСАИД, Светска банка и други, работевме на подготовка на самите училишта за прием на учениците, но и за непречена реализација на наставата која нема да биде само на едно оптимално ниво, туку на доволно квалитетно ниво за да се почувствуваат придобивките од новата Концепција за основно образование. Училиштата се добро подготвени. Изминатиов период посетив доста општини и училишта и се уверив во тоа. Онаму каде што беше побарано и имаше потреба од интервенција, се интервенира. Имаме доста завршени инфраструктурни инвестиции, имаме и инвестиции во тек кои етапно ќе се заокружуваат. Паралелно набавуваме кабинети по природни науки за над 260 основни училишта каде нема вакви кабинети и опрема. Набавивме и 10.000 таблет компјутери, првенствено за ученици од четврто одделение кои потекнуваат од семејства во социјален ризик за да можат да ги користат дигиталните учебници кои исто така се новина годинава. Досега 3000 се распределени по училиштата. Ова не е „Компјутер за секое дете“ кој не ги постигна целите заради кои беше планиран и не обезбеди компјутер за секој ученик и наставник. Ова е добро обмислено, пресметано и остварливо. Ние сме реални. Ќе помогнеме на оние кои навистина имаат потреба од државна помош. На оние кои навистина во своите домови немаат никаков уред. Се набавија и мобилни станици за вода, средства за хигиена и за дезинфекција по школите. Набавени се нагледни средства и помагала, интерактивни табли и слично. Дистрибуцијата на учебниците кои не се дигитализирани сеуште, годинава започна навреме и за прв пат ќе биде целосно заокружена пред 1 септември. Учениците и родителите ќе немаат грижа во тој дел, дали ќе се доцни со учебниците од кои ќе треба да го повторуваат материјалот кој го совладале за време на часовите. Така што, вложивме заедно доста труд и ценам дека учебната година ќе започне во најдобар ред и со сите неопходни средства за квалитетна реализација на наставата и за заштита на здравјето на учениците и вработените во училиштата. Што е следна, да речеме покрупна работа што се планира во образованието? Реформирањето на образовниот систем е дел од поширока стратегија за севкупен напредок на државата. И, би рекла дека овој сегмент е приоритетен, затоа што од образованието најмногу зависи иднината. Немаме многу природни ресурси, какви што поседуваат други земји, па затоа мораме да вложиме во знаењето на граѓаните, во нивната иновативност, креативност, претприемачки дух... Тоа значи дека мораме да направиме етапни промени во сите образовни сегменти и нивоа. Ги започнавме промените во основното образование. Опфативме и дел од средното. Таму бевме насочени кон стручното образование, но во периодот што следи малку повеќе ќе се позанимаваме со оваа област. Планот е да изготвиме нова Концепција за средно образование, по примерот на Концепцијата за основно и тоа повторно транспарентно, преку процес на јавна дискусија и вклученост на сите засегнати страни и чинители кои можат да дадат придонес за да создадеме поквалитетен систем. Ова мора да го направиме за да имаме еден континуитет на реформите во основното, за да продолжи стекнувањето на вистински граѓански вредности во училиштата, за да се обезбеди поинтересна настава и поголема интеракција, да се развива критичкото мислење, креативноста и иновативноста кај младите. Паралелно ќе изготвиме и нов Закон за средно образование кој ќе обезбеди повеќе права и можности за учениците, но и за вработените во средните училишта. Има многу предизвици кои актуелниот закон не ги решава и нив мора да ги надминеме. Морам да споменам дека подрачје на изразен фокус и делување ќе биде и науката. Затоа што таа, заедно со истражувањето и иновациите се клучни носители на севкупниот општествено – економски напредок на државата и еден од основните услови за интеграција во Европската унија. И тука веќе започнавме покрупни активности. Работиме на целосна промена на начинот на финансирање на научно истражувачката дејност преку воведување на програмско и планско финансирање и продолжување на грантовото финасирање, веќе објавивме низа повици за оваа намена, за спуштање на повеќе средства кон научно – истражувачките работници. На почетокот на овој месец објавивме повик за распределба на 17,3 милиони денар за поддршка на развојот на лабораториски ресурси на научните и високообразовните установи, како и повик за финансирање на реализацијата на научно-истражувачки проекти на јавните научни установи. Тие ќе добиваат до три милиони денари по проект. Како поддршка за создавање на кадар кој би се занимавал со наука и истражување, во новата академска година, прв пат воведуваме и стипендии за трет циклус на студии за одредени дефицитарни струки. Доделуваме 15 стипендии од по 18.000 денари за 12 месеци во годината, а ги вративме по цела една деценија и стипендиите за постдипломски студии во државата и доделуваме 50 стипендии од по 9.000 денари за девет месеци во годината. Во фаза на подготовка е и нов Закон за научно истражувачка дејност, од страна на работна група со претставници на сите универзитети и научни институти. Се заложуваме да изградиме систем кој ќе обезбеди континуитет во вложувањето во науката. Процентот од БДП што се двои за наука мора да се зголеми и приближи до европскиот просек. Ана Цветковска

Остани поврзан