• сабота, 16 ноември 2024

„Хумани во строгоста“ - методи за ресоцијализација на осудени лица

„Хумани во строгоста“ - методи за ресоцијализација на осудени лица
Битола, 19 јуни 2022 (МИА) - Идејата за ресоцијализација на осудените лица постои, но низ хронолошки комплексно спротивни периоди и очекувања. Експертите велат дека третманот на осудените лица во казнено-поправните установи е клучен аспект во издржувањето казна затвор и дека казната затвор не е само некој да се лиши од слобода и да биде заборавен, туку дека треба да се работи на негова ресоцијализација. -Минатото ни покажа дека „шпанските сопчиња“, осуденичкиот чекор и молчењето, присилната работа и темните ќелии не се решението. Времето нè научи дека ниту смртната казна не е одговорот за успешно спречување на криминалот, а сегашноста ни укажа дека е потребно да сме „хумани во строгоста“, затоа што само така ќе успееме во никогаш завршливата борба со криминалното однесување. Нема да го затвориме кругот, но секогаш ќе сме еден чекор понапред, вели професор д-р Ангелина Станојоска, раководител на Центарот за научноистражувачка работа на битолскиот Правен факултет. Според Станојоска, науката не е, и не смее да биде празно расфрлање со епитети дека сме најдобри, а всушност, вели таа, не сме ниту на ронка од задачата, одиме тенко по работ и сме на чекор да се удавиме во сопствената гордост. Но, за жал, сè уште не сме научиле дека таму, во науката, нема место за гордост. - Третманот на осудените лица претставува клучен аспект во процесот на издржување на казната затвор. Активната вклученост на осудените лица и довербата меѓу нив и нас на крајот резултира со успешно исполнување на трите Р, односно нивна рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција, по што заедницата добива повторно корисен член чии ставови се во иста насока со тие на мнозинството. Без третманот, Мертоновиот конформист би бил само примерок од експериментот на Селигман, единка која не очекува ништо, која не се менува, а ние останатите би биле лошите „затворски чувари“ од контроверзниот затворски експеримент на Зимбардо. Така, само би создале дистопија во која секој секому му е човек што е, и можеби подобрата формулација на homo homini lupus est. Нашата научна работа неминовно е блиску поврзана со државните институции без кои корисните научни заклучоци би биле имагинарни, а научните достигнувања само пуста желба на глобалната сцена на науката каде нашите универзитети, за жал, сè уште пливаат на суво. И за тоа не се виновни тие, туку оние кои треба да вложуваат повеќе во науката за да ја добијат очекуваната полза од неа во сите општествени сфери, па и така во пенолошката, потсети професорката Станојоска на меѓународна конференција, организирана од Правен факултет во Битола, а на која освен македонски, беа посочени и некои европски примери за ресоцијализација на осудени лица. Македонскиот пример за ресоцијализација на осудени лица Ресоцијализацијата на осудените лица е примарна цел на казнено-поправните и воспитно-поправните установи во земјава, со цел да се намали бројката на рецидивите, повратниците во казнено-поправните домови. - Целта на казната всушност е ресоцијализацијата, односно осуденото лице да мине процес, кој, за жал, не е на задоволително ниво, но вложуваме напори да го намалиме бројот на повратниците во казнено-поправните домови. Главен акцент ставаме на образованието за што имаме образовни програми низ кои се едуцираат осудени лица и учат занаети. Во сите затвори има активности, а ако треба да се издвои некој, тоа е казнено-поправниот дом Волковија, односно воспитно-образовниот дом за малолетници каде посебен акцент се става на образованието и со цел децата да се вратат подготвени и да функционираат во општеството. Инаку, главен проблем на лицата што излегуваат од затвор им е невработеноста. Тие не знаат што потоа и тоа е една од причините кај дел од нив што ги повторуваат кривичните дела и повторно добиваат казна затвор. Затоа ние вложуваме во изучување одредени занаети за да бидат конкурентни на пазарот на трудот, вели Марјан Спасовски, директор на Управата за извршување санкции, потврдувајќи дека овозможиле осудени лица да завршат занает за готвачи, пекари, машинобравари, а сега се вработени, ресоцијализирани и основале семејство. Паметно дигитално решение за затворениците во Финска На меѓународниот научен собир во Битола, Пиа Поулака, проектен менаџер од Агенцијата за санкции на криминал при Централната администрација во Финска, вниманието го привлече со примерот во нејзината држава, односно смарт или паметен систем кој нуди можности за ресоцијализација на затворенички. Затвореничките во Финска може да испраќаат е-пошта, односно е-пораки користејќи интернет со цел непречено да остваруваат надворешни конктакти поврзани со социјални или станбени прашања, образование, егзистенција или учество за одредени важни прашања. Со смарт-системот, вели Поулака, на затвореничките може да им се даде дозвола преку видеоврска да комуницираат со блиски роднини, но и со други лица за кои затворениците ќе искажат желба за аудиовизуелен е-контакт. - Според утврдената визија, до 2025 година, новиот смарт-систем, на осудените лица ќе им овозможи комплетна ресоцијализација и ќе бидат подготвени за живот без криминал, односно за еднаков третман во заедницата. Всушност, дигиталните услуги како дел од стратегиските цели за ефикасна ресоцијализација овозможуваат намалување на рецидивизмот и реинтеграција во општеството, континуитет во дигиталното општество, нови дититални вештини со кои се надминува маргинализацијата, независно користење на услугите и подготовеност за современите барања на пазарот на трудот, тврди Поулака. Пилот-проектот смарт-затвор во кој се вклучени затворенички овозможува секоја жена да има лична ќелија со вклучен смарт-систем, односно непречени дигитални услуги кои се очекува позитивно да влијаат на рехабилитацијата на затвореничките. Новиот концепт содржи создавање поотворена затворска средина, интеракција и тренинг, како и воспоставување нова култура на однесување во тамошните затвори за што тим на Агенцијата за санкции и криминал врши обука на алгоритми за вештачка интелигенција во четири тамошни затвори каде на затворениците им се овозможува да учат дигитални и когнитивни вештини. Е-продавници во затворите за осудени лица во Естонија Компаративната анализа со примери за ресоцијализација на осудени лица на научната конференција во Битола ја збогати Ирен Ирбе, раководител на сектор во Центарот за регистри и информациски системи, како и претседавач на експертска група EuroPris ICT во затворите во Естонија, каде е актуелен примерот со активирање е-продавници. Ставањето во функција е-продавници во затворите во Естонија овозможува целосно отстранување на плаќањето со хартија, односно банкноти во тамошните затвори. - Плаќањето во затворите со банкноти е целосно заменето со електронско плаќање, односно ги нема т.н. „физички“ пари и се користат само дигитални плаќања. Со активирање на овој систем овозможено е брзо плаќање, а се оневозможуваат злоупотреби кои дотогаш биле евидентирани. Освен е-продавници, на затворениците на располагање им е ОМС-систем или систем за управување со престапници, кој обезбедува функционални библиотеки, е-датотеки, информации за образованието на затворениците и други можности со кои се сака да се гледаат решенија на проблемите, посочи Ирбе. Науката и праксата во функција на казнено-поправните установи Третманот на осудените лица во казнено-поправните установи е клучен аспект на издржувањето казна затвор кај осудените лица. Казната затвор и нејзината смисла не е само некој да се лиши од слобода и да биде заборавен толку години колку што е осуден! Напротив, ние треба да работиме на негова ресоцијализација, односно негово поправање или превоспитување, нагласува универзитетската професорка Станојоска. - Наша цел е да ги срушиме стереотипите, коишто, за жал, сè уште постојат во нашето општество за осудените лица. Лично сметам дека некој за едно сторено кривично дело во текот на животот, не значи дека треба биде обележан до крајот на животот! Ние треба да работиме на негова реинтеграција. Скандинавските земји имаат полиберални услови и однос кон осудените лица, кои наликуваат на условите во заедницата. Кај нас разговараме за материјални услови, за подобрување на објектите на казнено-поправните установи, додека, пак, кај нив се говори за дигитализација на затворите, посочи Станојоска. Важно е дека пристапот во казнено-поправните установи се менува, а за тоа и јавно се зборува, пишува, публицира... Марјан Танушевски Фотографии: Правен факултет, УКЛО - Битола

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан