• петок, 22 ноември 2024

Хуманитарни божиќни пакети за 60 социјално загрозени семејства од Охрид и околината

Хуманитарни божиќни пакети за 60 социјално загрозени семејства од Охрид и околината

Охрид, 5 јануари 2024 (МИА) – Шеесет семејства од социјален ризик од Охрид и околината денеска добија хуманитарни пакети со прехранбени производи и средства за хигиена, преку акцијата што заеднички по повод големиот христијански празник Божиќ ја организираа порталот „Охридњуз“, Лајонс клубовите „Лихнидос“, „Охрид“, „Деница“ и „Десарети“, како и компаниите АСП „ПАК“ и „Топ маркет“.

- Празниците се моменти на среќа, моменти кои ги обединуваат семејствата, моменти кои треба да не прават сите среќни. Токму тоа беше и идејата на организацијата на „Зимска бајка“ заедно со соработниците Лајонс клубовите и општествено одговорните компании, да обезбедиме во рамки на можностите со дел од средствата од влезниците кои беа за хуманитарни цели од манифестацијата, но и со донации од компаниите, хуманитарни пакети за социјално најзагрозените семејства од Охрид. Се разбира дека не можеме да ги опфатиме сите, но веројатно ќе поттикнеме и други чинители да го направат истото, а се со цел сите да бидат среќни за Божиќните празници, рече организаторот на манифестацијата „Зимска бајка”, Горан Момироски, преку која беа собрани и средствата за акцијата.

Манифестацијата „Зимска бајка“ веќе години наназад има хуманитарен предзнак. Дел од хуманитарните пакети беа доделени денеска, додека на останатите ќе им бидат доставени дополнително.

- Голема благодарност до сите кои учествуваа во оваа акција пред Божиќните празници и апел до сите наши хумани граѓани и општествено одговорни компании кои можат да се вклучат да помогнат на навистина големиот број социјално загрозени семејства кои живеат овде и кои се повеќе имаат проблеми со опстанокот, рече претседателот на Општинската организација на Црвениот крст од Охрид, Сашо Точков. аб/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан