• петок, 05 декември 2025

Христодулидис: Кипар ќе ги исполни преземените обврски во проектот за електрично поврзување со Грција

Христодулидис: Кипар ќе ги исполни преземените обврски во проектот за електрично поврзување со Грција

Никозија, 8 септември 2025 (МИА) – Сакам повторно, по којзнае кој пат, да повторам за да слушнат на Кипар, да слушнат во Грција, да слушнат во Брисел, да слушнат сите што ги интересира. Република Кипар е целосно посветена на овој проект од геостратешко значење, истакна кипарскиот претседател Никос Христодулидис во однос на електричното поврзување со Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Христодулидис, одговарајќи на новинарско прашање по вчерашната изјава на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, нагласи дека Кипар ќе ги исполни обврските што ги презеде, паралелно изразувајќи надеж дека истото ќе го сторат сите вклучени во овој проект.

Како пример што, како што рече, ја демонстрира нивната политичка посветеност, спомена дека лично тој заедно со министерот за надворешни работи при посетата на Обединетите Арапски Емирати разговарале токму за ова прашање и за разгледување на можноста, „преку заедничка компанија, партнерство меѓу двете земји, да се инвестира во други сектори поврзани со овој проект“.

- Кипар и Грција, Грција и Кипар презедоа некои обврски во врска со конкретниот проект. Јас можам да зборувам во име на Република Кипар и јавно да ви кажам дека Република Кипар ќе ги исполни обврските што ги презеде. Се надевам дека сите вклучени во овој проект ќе ги спроведат своите обврски. Прашањето, меѓу другото, допира и до теми поврзани со националниот суверенитет и ако се покренат, како што се споменува, слушам и читам разни работи, нема да се впуштам во јавна дебата што само лошо прави и не помага. Она што е навистина важно е помалку да зборуваме, а значително повеќе да делуваме. Но, што се однесува до мене, нема преку јавни изјави да ги ставам во опасност или да ги доведам во прашање националните интереси на Република Кипар, порача Христодулидис.

Грчкиот премиер на вчерашната прес-конференција во Солун, за електричното поврзување со Кипар, тема што е особено актуелна во изминатиот период, нагласи дека е проект што пред сè е во корист на Никозија, со оглед на тоа што земјата ќе се поврзе со европскиот систем за струја и истакна дека намерата на Грција е проектот и да започне и да се реализира, но „треба и Кипар да покаже дека го сака овој проект“. ср/ссм

Фото: Кабинет на кипарскиот претседател

Остани поврзан